Правото за абортус завлезе во претседателската изборна битка во САД

Your browser doesn’t support HTML5

Кандидатот за претседател на САД Доналд Трамп, вели дека законите против абортусот треба да се носат од сојузните држави. Претседателот Џо Бајден, пак, ветува дека ќе ја врати федералната заштита на абортусот. Известува Скот Стернс. 

Абортусот, како прашање што предизвикува поделби на овие претседателски избори, доби нов моментум минатата недела, откако Високиот суд на Флорида го одобри законот за забрана на абортус по шестата недела во оваа сојузна држава.

Тоа донесе обновени прашања за републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп, за тоа дали тој поддржува истакнати членови на неговата партија кои сакаат забрана на абортусот на национално ниво.

На својата социјална мрежа во понеделникот, Трамп рече дека секоја сојузна држава треба да одлучи сама.

„Во многу сојузни држави ќе биде различно. Ќе имаат различен број недели, или некои ќе имаат поконзервативни (закони) од другите. На крајот на денот, сето ова е за волјата на народот“, рече Трамп.

Сојузните држави ги имаат тие права по одлуката на Врховниот суд од 2022 година, која ја поништи речиси 50-годишната федерална заштита на абортусот.
Во своето видео, Трамп им се заблагодари на шестмина судии по име, вклучувајќи ги и тројцата назначени од него, велејќи дека тој е горд оти е одговорен за ставање крај на федералната заштита на абортусот.

„Мојот став е дека сега имаме абортус каде што сите го сакаа од правна гледна точка. Сојузните држави ќе одредат со гласање или законодавство или можеби и двете, и што и да одлучат, мора да биде закон на земјата. Во овој случај, закон на сојузната држава“, изјави Трамп.

Џо Бајден води жестока кампања за репродуктивните права, ветувајќи дека ќе ја врати федералната заштита на абортусот што беше решена со случајот „Роу против Вејд“.

„Луѓе, ако Америка ми испрати Конгрес со демократи, Камала и јас ќе го вратиме „Роу против Вејд“ како закон на земјата повторно“, порача Бајден.

Потпретседателката на Бајден, Камала Харис, е дел од кампањата за поврзување на Трамп со поекстремни ставови за абортус.

„Како се осмелуваат овие избрани лидери да веруваат дека се во подобра позиција да им кажат на жените што им треба, да им кажат на жените што е во нивен најдобар интерес. Мораме да бидеме нација која им верува на жените“, истакна Харис.

Харис и Бајден се фокусираат на репродуктивните права, како што абортусот е губитничко политичко прашање за републиканците, по одлуката на Врховниот суд, со две загуби од висок профил на референдумите во Охајо и Канзас.

За овие избори, Трамп изгледа како да ги повика своите следбеници да ја препознаат политичката ранливост во отуѓување на умерените во однос на абортусот.

„Морате да го следите вашето срце во однос на ова прашање, но запаметете, мора да победите и на избори за да ја вратите нашата култура и, всушност, да ја спасите нашата земја, која моментално и за жал е нација во опаѓање“, рече Трамп.

Лидерката на една од најголемите американски групи против абортусот во понеделникот рече дека е „длабоко разочарана“ од неуспехот на Трамп да ја поддржи забраната на национално ниво, но рече дека групата сепак ќе го поддржи Трамп против Бајден.

Прашањата за репродуктивните права на овие претседателски избори, исто така, ќе бидат поттикнати од претстојната одлука на Врховниот суд за тоа дали да се заострат ограничувањата за пристап до лекот што се користи за повеќето абортуси со лекови.