Прашањето за родовиот идентитет во училиштата - дел од изборните кампањи во САД

Your browser doesn’t support HTML5

Кандидатите за претседател на САД, Доналд Трамп и Камала Харис, своите кампањи главно ги фокусираа на имиграцијата, абортусот и економијата. Но, судирот околу тоа како да се постапува со прашањата за родовиот идентитет во училиштата е исто така тема за кампањата. Известува Лорел Бауман

Основното и средното образование, кое е бесплатно достапно од локалните власти во САД, не е главна тема на овогодинешните претседателски избори во САД.

Тоа не беше ниту тема на дебатата меѓу двајцата кандидати, поранешниот претседател Доналд Трамп и потпретседателката Камала Харис.

Меѓутоа, прашањето е блиску до врвот на листата за овие мајки кои неодамна се собраа во Вашингтон на митинг организиран од коалиција на конзервативни групи.

Наталија Мурахвер, регистрирана како демократка, за Гласот на Америка рече дека на овие избори ќе гласа за републиканците, најмногу поради образованието. Таа рече дека не сака родовиот идентитет да се учи во државните училишта.

„Мислам дека е нормално ваквите разговори да се одвиваат дома. Исто така, прашање е зошто зошто овој материјал се воведува сега и со што се заменува... има слаби резултати во математика, природни науки...“, вели Мурахвер.

За поранешната учителка Пети Александер, прашање е трансродовите луѓе кои играат во детските спортски лиги.

„Биолошките момчиња треба да играат машки спортови. Момчињата можат да ги повредат девојчињата. За безбедност на девојчињата, ни требаат девојчиња… биолошки девојчиња… во спорт за девојчиња“, објаснува Александер.

Други мајки за Гласот на Америка велат дека се внимателни кон Одделот за образование на САД, кое според нив, има преголема контрола врз локалните училишни системи.

Меѓу нив е и Ребека Вебер: „Потребни се големи промени. Мислам дека владата се однесува како да е поважна одошто е“.

И Сем Сорбо: „Треба да му ставиме крај на Одделот за образование. Не знам зошто имаме Оддел за образование“.

Овие мајки ќе гласаат за Трамп. Други родители имаат поинаков став и не се согласуваат со Трамп или Републиканската партија.

„Камала Харис верува дека јас постојам, а Трамп не“, Бети Леонарди, мајка и професорка од универзитетот од Колорадо, а која се идентификува како квир.

Леонарди основала група која работи на прифаќање на ЛГБТК+ младите во училиштата. Таа вели дека се потребни наставни програми за образование за родовиот идентитет, дури и на млада возраст.

„Имам 5-годишно дете… и полот е еден од првите разговори што ги имаме. Има многу мали деца кои излегуваат како транс, и затоа во нивните училишта и во нивните училници е навистина важно другите ученици да разберат што значи да се биде трансродов“, објаснува таа.

Родителите не треба да се грижат за трансродовите деца кои играат во училишните спортски лиги, рече родителката и професорка Елизабет Мајер, која го проучува ова прашање.

„Да се каже дека трансродово лице е побрзо, посилно, поопасно, повешто за другите деца е навистина погрешно разбирање на природната варијација што се случува кај група деца“, посочува Елизабет Мејер од Универзитетот од Колорадо, а која не е обожавателка на Трамп.

„Кога еден кандидат, Трамп, кој зборува за растурање на Одделот за образование на САД, тоа целосно ќе им наштети на сите видови програми кои влијаат на сите видови деца низ целата земја“.

Трамп се спротивставува на трансродовите луѓе кои играат во спортот на девојчињата и образование за родовиот идентитет во државните училишта. Оние кои имаат поинакви размислувања за овие прашања велат дека Харис е со нив.

Додека Трамп зборува за забрана на Одделот за образование на САД, Харис сака да го задржи.