Постизборни математики – кој ќе биде дел од идната влада и под кои услови

Влада на Република Северна Македонија

„Народот кажа – идна коалиција во Македонија ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ со коалицијата Влен“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

За помалку од 24 часа откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ја испрати оваа порака, стигна одговорот од „ВЛЕН“ - коалицијата на опозициските партии на Албанците. Тој според изјавата на еден од лидерите на коалицијата е потврден, но со клучен услов – уставни измени.

„Како единствени натпреварувачи во албанскиот политички кампус и, се разбира, победници на овој блок, ние сме и единствени и легитимни претставници на Албанците на овие избори. Следствено, ова нè обврзува да ги претставуваме Албанците и во идната Влада, каде што, меѓу другото, ќе раководиме со важни институции од секторот за внатрешни работи, кои се одговорни за санкционирање на криминалот и корупцијата, за да се бориме силно и директно против повеќеслојниот и долгогодишниот криминал и корупција. Додека сме овде, морам да Ве повикам да бидете спокојни дека е само пропаганда тоа дека некој ќе ги блокира уставните измени и евроинтеграцискиот пат. Албанската коалиција Вреди е гаранција во идната Влада дека уставните измени ќе се усвојат...“, изјави Африм Гаши од коалицијата „ВЛЕН“.

Од ВМРО-ДПМНЕ која кампањата ја градеше и на реториката „не за уставни измени под бугарски диктат“ и, која врз основа на резултатите од првиот круг избори за претседател, веќе себе си се смета и за победник на парламентарните избори, засега нема одговор на изјавата на „ВЛЕН“. Но, затоа стигна одговор од ДУИ која, меѓу другот, е засегната од изјавите на Мицкоски дека партијата на Ахмети му праќала емисари и безусловно се нудела за да биде дел од новата владина коалиција.

„Христијан Мицкоски последните неколку дена успеа да врати едно сеќавање кај Албанците за стогодишното ропство, омаловажување и потчинување. Успеа кај секој Албанец, кај секое албанско семејство да иритира нерв кој мислевме дека е длабоко сокриен. Врати едно сеќавање од времето на Југославија. Имаме ситуација на мобилизација против обидот на рушење на достоинството на народите во оваа држава, зборувајќи за идна Влада уште пред да се изјасни народот на 8 мај. Тоа ќе создаде една нова ситуација на 8 мај. Ваква мобилизација немам видено подолго време во политиката“, рече Бујар Османи од коалицијата „Европски Фронт“.

СДСМ преку соопштение предупредува дека „се опасни најавите на ВМРО-ДПМНЕ за блокада на европскиот пат на државата“ и затоа, како што велат социјалдемократите, граѓаните кои ќе излезат на гласање на 8 мај мора да имаат предвид дека иднината на земјата е под сериозна закана. Од друга страна Левица му честита на Мицкоски на победата во првиот круг од изборите за шеф на државата, трка која ќе ја продолжат Стево Пендаровски и Гордана Силајновска-Давкова, и го повикува да не ги донесе уставните измени.

За очекување е дека јавните повици и комуникација преку медиумите ќе продолжат до 8 мај кога ќе се одржат и парламентарните и вториот круг избори за претседател и од чии резултати ќе стане појасно кој се ќе учествува во идната влада и кој ќе биде претседател на државата.

Ако се земат предвид резултатите од првиот круг избори за претседател и освоените гласови се преточат во пратенички мандати тогаш ВМРО-ДПМНЕ би имала повеќе од 50 пратеници, СДСМ помалку од 25, коалицијата на ДУИ околу 17, „ВЛЕН“ приближно 12, ЗНАМ на Максим Димитриевски околу 10, а Левица помалку од 5.