Израелските медиуми јавуваат дека Израел ќе купи 40.000 шатори за да ги евакуира Палестинците од Рафа пред планираната копнена офанзива.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека Израел „има датум“ за инвазија на Рафа во јужна Газа. Израелските аналитичари велат дека и без инвазија на Рафа, шестмесечната војна со Хамас е на крстопат.
„Тоа може да биде ескалација во регионална војна, поради Иран, поради Хезболах, и ќе се пресели од Газа на север, од ограничена војна во Газа во регионална војна. Или може да премине кон процес кој ќе ја деескалира војната и ќе поправи дел од проблемите. Навистина ни претстојат клучни денови, можеби една недела“, вели Амос Јадлин, Поранешен директор на Израелското воено разузнување.
И Хамас во Газа и Хезболах во Либан се сурогати на Иран, а Јадлин вели дека тензиите со Иран неодамна вртоглаво се зголемиле откако израелските напади убија висок ирански генерал во Дамаск минатиот месец.
„Израел беше многу внимателен да не ги напаѓа Иранците. Од 7-ми и 8-ми октомври, кога Иран ги лансираше своите сурогати против Израел - од Либан, од Сирија, од Јемен, од Ирак, Израел ја промени политиката и, во овој случај, изгледа како голем удар за Иран“, додава Јадлин.
Израел, исто така, се најде под зголемени меѓународни критики за влошената хуманитарна криза во Газа.
ОН велат дека повеќе од една четвртина од населението на Газа е на работ на глад.
Високиот комесар на ОН за човекови права изјави за Би-Би-Си дека има веродостојни докази дека Израел го користи гладот како оружје во војната во Газа.
„Колективната казна со опсадата навистина е воено злосторство и треба да се третира како такво“, посочува Фолкер Турк, Висок комесар на ОН за човекови права.
Израел вели дека проблемот е дистрибуцијата на помошта и кажа дека не е одговорен за тоа.