Посакувам Вучиќ да видеше колку е опасен Вулин, вели сенаторот Марфи

Ако Србија навистина сака да има европска иднина, не може да има шеф на разузнавачка служба кој отворено комуницира со Русите, вели сенаторот Крис Марфи, во врска со санкциите воведени од американските власти за шефот на Безбедносно- информативната агенција на Србија Александар Вулин.

Шефот на српската тајна полиција, кој во претходните две свикувања на извршната власт на Србија ги извршуваше функциите на министер за полиција и одбрана, американската влада го смета за одговорен за вмешаност во транснационален организиран криминал, нелегални операции поврзани со наркотици и злоупотреба на јавна функција.

Вулин е еден од функционерите на српските власти кој во јавноста промовира проруски ставови, а од почетокот на руската агресија врз Украина, најмалку двапати патувал во Москва, каде што се сретнал со руски претставници.

„Би сакал Вучиќ да види колку е опасен Вулин. Ако Србија навистина сака да има европска иднина, не можете да имате шеф на разузнавачка служба кој отворено комуницира со Русите. Ние јасно ѝ ставивме до знаење, не само на Србија, туку до сите наши пријатели - дека ќе има последици ако одлучите да не се приклучите на санкциите и да бидете вклучени во тајни активности со Русите. Сакаме Србија да биде дел од евроатлантското движење - нејзината иднина да биде во Европа. Ние мислуме дека е во нејзин најдобар интерес да испрати јасна порака до Русија дека инвазијата на Украина не може да се толерира. Се надевам дека Вучиќ ќе види дека Вулин ги загрозува неговите напори за градење пријателство со Европа и САД“, рече сенаторот Марфи во интервју за српската редакција на Гласот на Америка.

Глас на Америка: Што би можеле да очекуваат САД од српските власти по ова прашање?

Марфи: Ќе продолжиме да разговараме со Вучиќ за ова прашање. Ја кажавме нашата загриженост и ќе продолжиме да го правиме тоа.

Глас на Америка: Каков впечаток ќе им остави САД и другите западни партнери на Србија исходот во кој Вулин нема да биде разрешен?

Марфи: Администрацијата на САД е во директни разговори со српските власти. Тие ги пренесоа своите ставови и грижи и ќе продолжат да го прават тоа.

Гласот на Америка разговараше со американскиот функционер за време на напорите на меѓународната заедница, предводена од Европската Унија и САД, да влијае на смирување на тензиите меѓу Косово и Србија - што започна на крајот на мај.

„Деескалацијата на односите меѓу Косово и Србија е едно од најважните прашања и добро е што постои прелиминарен план во овој поглед“, изјави Марфи.

Тој ја поздрави средбата на главните преговарачи, вицепремиерот на Косово Бесник Бисљими и директорот на Канцеларијата за Косово во Владата на Србија Петар Петковиќ, кои со посредство на европскиот дипломат Мирослав Лајчак во Брисел разговараа за спроведувањето на постигнат договор во Охрид и смирување на тензиите што ескалираа на крајот на мај.

„Суштината е да се избегне насилство и тука се враќам на обврските што ги презема Владата на Косово да се обиде да се придржува до одредбите од договорот. Продолжив да разговарам со Александар Вучиќ и Аљбин Курти - и ги охрабрувам да се вратат на преговарачка маса. Тоа претставува почеток за кој се надеваме дека ќе биде продуктивен“, рече Марфи.

Глас на Америка: Според вас, какви треба да бидат потезите на Приштина и Белград во оваа фаза од процесот за да се постигне деескалација?

Марфи: Курти и Вучиќ треба да го утврдат ова независно со помош на Европската Унија. Сепак, јасно е дека е неопходно да се одржат нови избори на северот на Косово. Исто така, треба да се повлечат специјалните полициски сили испратени од Приштина во регионот. Дополнително, да се ослободат приведените лица, но и Србија да ги охрабри Србите да учествуваат во гласањето и истовремено да се воздржат од незаконско мешање. Значи, ако можеме да се вратиме на патот на деескалација, повлекување на специјалната полиција и одржување нови избори, мислам дека има потенцијал дијалогот да се движи во позитивна насока.

Глас на Америка: Вие сте меѓу групата членови на американскиот Конгрес кои му се обратија на претседателот Бајден и на администрацијата, барајќи поодлучен пристап кон Србија и Косово и предизвиците со кои се соочуваат. Што мислите, како САД се справуваат со ситуацијата - дали треба да направат повеќе и што?

Марфи: Очигледно дека Европската Унија презеде водечка улога во дијалогот - но не се двоумам да кажам дека САД можат да направат повеќе и прават повеќе. Сè што прави Лајчак е во координација со Франција, Италија, Германија, САД, Обединетото Кралство и Америка. Сепак, би сакал наскоро да биде потврдена номинацијата на американскиот помошник државен секретар за Европа и Евроазија, делумно затоа што кандидатот предложен од претседателот Бајден има долгогодишно искуство во регионот. Така, кандидат кој ги познава Косово, Србија и регионот би добил важна позиција во Стејт департментот. Тој може да им помогне на напорите на нашиот дипломатски тим во регионот и на заменик-помошникот државен секретар на САД Габриел Ескобар. Значи, САД имаат нова можност - бидејќи новиот помошник државен секретар на САД за Европа ќе биде познат дипломат со големо искуство во регионот.