Поради репресии во Кина, сè повеќе кинески мислимани мигрираат во САД 

Your browser doesn’t support HTML5

Во драматичен пораст, американските гранични патроли приведоа повеќе од 24.000 кинески државјани кои ја преминале јужната граница во 2023 година, што е 12 пати повеќе од претходната година. Меѓу оние кои бараат азил, се издвојува и група на кинески етнички муслимани. Известува Арон Ранен.

Во населбата Флешинг во Њујорк, неодамна пристигнатите мигранти муслимани Хуи се собираат на халал вечера обезбедена од локален бизнисмен. Тие влегле преку јужната граница на САД без визи и бараат политички азил.

Кинеската заедница Хуи имала помали верски репресии во минатото во споредба со прогонетите муслимани Ујгурци.

Но, приказните од неодамнешните мигранти укажуваат на промена на тој тренд. Тие не сакаат нивните имиња да се користат поради страв од можна одмазда во Кина врз нивните семејства.

„Полицијата ви го проверува телефонот, вашите фотографии, пораките, социјалните мрежи. Ако открие нешто за религијата, имате голем проблем“, вели муслимански мигрант од Кина.

Овој човек вели дека владините службеници биле испратени во неговиот дом откако откриле дека тој и неговата сопруга практикуваат Ислам и се молат.

„На пример, наутро некои луѓе влегуваат во мојот дом и пишуваат што правиме. Не можеме да се молиме слободно“, вели друг мигрант.

Кинеските власти ги негираат наводите за религиозно угнетување. Во изјава за Гласот на Америка, тие рекоа:

„Кинеската влада ја заштитува верската слобода на граѓаните во согласност со законот. Сите етнички групи во Кина го уживаат правото на религиозно верување како што е пропишано со закон. Не постои такво нешто како 'верско мешање' во Кина“.

Но, според професорот Дејвид Строуп, религиозната репресија во Кина била голема во текот на изминатата деценија.

„Почнувајќи од 2014 година, се преземаат чекори за оцрнување на исламската религија, што значи дека владата презема чекори да стави ограничувања врз верското практикување“, вели професорот Строуп од универзитетот во Мичиген.

Строуп вели дека се повеќе кинески муслимани бараат помош по неодамнешната ескалација на владината контрола врз религиозното изразување.

„Конкретно во 2023 година, имаше овој голем судир околу Џамијата што се реновира бидејќи се сметаше дека е во нелегален стил на градба. Луѓето се судрија со локалната полиција, а тоа доведе многумина да имаат страв од дополнителна репресија“, додава Строуп.

Во Флешинг, овие мигранти живеат во гето и се потпираат на поддршката од заедницата за облека и храна. Но, тие и понатаму се загрижени за оние што останале во Кина.

„Во овој момент не сме само ние туку има и многу други во Кина кои практикуваат исламска религија и поради репресијата избегале од своите родни места и постојано се во движење. Ние сме само мал број на луѓе кои имаат среќа да дојдат во САД“, објаснува еден од мигрантите.

Додека нивните случаи за разгледување на барањата за азил се во тек, овие мигранти ја практикуваат својата вера без страв и градат нов живот, за себе и за своите семејства.