Посетата на папата на Скопје нема да донесе помирување преку ноќ, туку може да помогне да се отвори дијалог во општеството, вели Џејмс Патон од Центарот за религија и дипломатија во Вашингтон.
„Само посетата како посета нема да го трансформира односот меѓу Владата и граѓанското општество. Место да гледаат да заработат поени, политичарите треба да побараат од папата совет за тоа што би можеле да направат за да му помогнат на македонското општество“, вели Патон.
За помирување во општеството ќе треба да се исполнат повеќе услови, вели тој. Прво, потребни се способни лидери што ќе ги донесат спротивставените страни заедно, и преку компромис ќе бараат начин за излез од кризата.
„Она што лидерите на политичкото и граѓанското општество во Северна Македонија би можеле да го направат за време на посетата на папата е да ги доближат сите заедници со наратив, за тоа како да научиме од минатото, со цел да постигнеме хармонија во иднина“, верува тој.
Предупредува дека посетата може да предизвика и негативни реакции, ако Владата сака да оствари политички бенефит.
„Вистински ризик е што посетата може да има негативeн ефект за политичарите, ако тие се обидат да ја искористат за нивни лична промоција и имиџ, со цел да го подобрат политичкиот рејтинг. Тоа ќе го препознаат граѓаните и ќе доведе до нивна поголема одбивност кон политичарите од претходно“, рече Патон.
Покрај политички совет, тој очекува папата да донесе и пораки за меѓуетничка хармонија, социјална правда и човекови права.
Така било при неговата посета на САД во 2015 година. Ребека Каталди била дел од толпата што излегла да го види папата во Вашингтон.
Градот никогаш не бил попозитивен, вели таа.
„Се надевам дека и Северна Македонија ќе го има истото искуство, независно дали луѓето што ќе излезат се религиозни или не. Ова ќе биде повод да се зголеми пријателството и мирот за доброто на заедницата“, вели Каталди.
Верува дека посетата ќе предизвика инспирација за позитивна промена, и порача граѓаните да ги наполнат телефоните за да го искористат моментот да го сликаат папата и да направат селфија.