Помпео: Израелско-палестинскиот мир е приоритет за САД

Американскиот државен секретар изрази поддршка за решение за постоење на две држави

Државниот секретар на САД Мајк Помпео, рече дека обезбедувањето на неопходна помош за постигнување на израелско-палестинскиот мир е „врвен приоритет“ и ги повика Палестинците „да се вратат на политички дијалог“.

„Ќе продолжиме да работиме за мир и имаме надеж дека ќе го понудиме најдоброто решение за израелскиот и палестинскиот народ“, изјави Помпео во Аман, каде имаше средба со јорданскиот министер за надворешни работи, Ајман Сафади.

Помпео додаде дека двете страни треба да одлучат кое е вистинското решение и дека САД се отворени за „најверојатното решение“ - постоење на две држави.

Сафади рече дека изнаоѓањето на решение за долготрајниот конфликт е клуч за „траен и сеопфатен мир“ во регионот. Тој додаде дека за Јордан, решението за две држави е единствениот пат напред.

Посетата на Помпео доаѓа по едномесечните палестински протести во Газа, во кои израелските сили убија околу 40 Палестинци. Палестинците го обвинуваат Израел дека употребил прекумерна сила, додека Израел вели дека ги заштитува своите граници.

На прашањето за насилството, Помпео рече: „Ние веруваме дека Израелците имаат право да се бранат, и целосно го поддржуваме тоа право“.

Освен согласноста за донесување на резолуција предводена од ОН во однос на конфликтот во Сирија, Помпео истакна дека тој и Сафади разговарале за тоа како најефикасно да се спротивстават на она што тој го нарекува „непријателско влијание и активност на Иран во регионот“.