Државниот секретар на САД Мајк Помпео рече дека ќе се залага за поддршка на верските малцинства во Кина, повикувајќи го Ватикан да размисли за обновување на договорот со Пекинг.
„Верската слобода никаде не е под поголем удар како во Кина. Секако ниту католиците не се поштедени од овој бран на репресија“, рече Помпео денес во Рим, Италија.
Забелешките на Помпео доаѓаат во време кога Ватикан и Кина преговараат за обновување на контроверзниот договор од 2018 година за номинација на бискупи.
Условите во договорот не се соопштени јавно.
Висок официјален претставник на Стејт департментот потврди дека Помпео нема закажана средба со папата Францис за време на оваа посета. Тој се сретна со него минатиот октомври.
Кабинетот на папата наводно им кажал на американските дипломати дека папата нема лично да го прими Помпео, поради загриженост дека тоа би можело да се види како влијание врз изборите во САД во ноември.
Помпео денес се сретна со италијанскиот министер за надворешни работи.