Помпео во Брисел да разговара за заканите од Иран

Утре патува во Сочи, каде треба да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин

Државниот секретар на САД Мајк Помпео е во Брисел, Белгија. Ова претставува прва станица на неговото патување во Европа, а се очекува да разговара за заканите и изјавите од Иран.

Портпаролот на Стејт департментот Морган Ортагус рече дека Помпео ќе продолжи да соработува одблизу со сојузниците и партнерите, со цел да ги осигура заедничките интереси на Блискиот исток и насекаде во светот.

Првично, Помпео денес требаше да се сретне со американските дипломати и бизнис лидери во Москва, но, плановите беа промение вчера вечерта. Планот на неговите останати посети засега останува непроменет.

Утре тој се очекува да отпатува во Сочи, каде е планирано да има разговори со рускиот претседател Владимир Путин и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

Оваа посета на Помпео се случува неколку недели пред Самитот Г-20 во Осака, Јапонија, на кој треба да присуствуваат претседателот Доналд Трамп и рускиот претседател Путин.

Патувањето на Помпео во Русија доаѓа во време на зголемени тензии меѓу двете држави околу Иран.