СКОПЈЕ – Покачувањето на минималната плата во висина од 450 евра во првите 100 дена од Владата виси на конец. Сумата најверојатно ќе остане само ветување откако Владата и Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) се најдоа на различни страни околу барањето за повисок минималец во државата. Премиерот Мицкоски изрази сомнеж за можна соработка меѓу Синдикатот и опозицијата и политичка позадина во барањето за повисока плата.
Мицкоски кажа дека ја разбира потребата од повисоки плати но во ребалансот на Буџетот е се чисто а таму не се предвидени пари за повисока минимална плата. Средба со претставниците на Синдикатите вели дека набргу ќе има.
„За помалку од два месеци од работа на една Влада гледам еден синхронизиран, би рекол напад спротивен и на закони и на етика и на принцип и на сѐ од страна на претседател на Сојуз на синдикати и претседател на најголема опозициска партија, и тоа мене ме доведува во ситуација да размислувам дека тука има политичка позадина. Секој од нас живее од плата, ние не живееме од провизии, не живееме од криминални тендери, ние не живееме од трговски центри, од фабрики за марихуана, не живееме од тоа, ние живееме сите од плата, барем ние коишто сме овде. Јас би сакал и 5.000 евра да биде платата, но треба да дојдеме до тоа имајќи ја состојбата во Буџетот којашто ја оставија и непредвидените усогласувања согласно колективните договори, па мораше сега со ребалансот да се усогласуваат. Но истовремено би напоменал дека истиот тој синдикат беше од страна на тогашната министерка за труд и социјала прелажан “, изјави премиерот Мицкоски.
Зголемувањето на функционерските плати за 78 отсто, нешто што во опозициските денови ВМРО – ДПМНЕ остро го критикуваше, ќе влезе во законско решение и одлуката нема да биде повлечена. Ќе се коригираат коефициентите а ново покачување на платите на вработените во јавната администрација нема да има.
„Тоа зголемување од 78 отсто ќе биде дел од законско решение кое набрзо ќе се најде пред пратениците, вклучително и сите оние плати кои се нивелирани согласно одреден коефициент и репер и се дел од платите кои ги примаат вработените во јавната администрација. Дополнително зголемување ви тврдам дека функционерите нема да добијат иако има законска одлука и нивелирање согласно закон следната година. На мое лично барање на следна владина седница ќе донесеме одлука тоа да не се случи“, рече Мицкоски.
Синдикатите вчера официјално побараа од Владата да го исполни ветувањето и да ја зголеми минималната плата на 450 евра во првите сто дена. Како аргументи посочија дека минималната синдикална кошничка од почетокот на годинава е потешка за четири илјади и шестотини денари, минималните плати во регионот растат и Македонија се соочува со повторен егзодус на работниците доколку минималната плата остане иста.
„Близу 35 илјади работници во државата работат за минималец или до минимална плата. Девет илјади работници примаат плата од еден денар до 22.576 денари што не само што не е законски и не е хумано туку е и кривично дело да го прави некој работодавач. Од таа причина сметам дека 35 илјади работници заслужуваат зголемување на нивните плати апропо на тоа и сите останати работници. Борбата за минимална плата е ниту еден работник да не биде на минималната плата туку да биде основа под која не смее да се исплаќа плата во државата“, рече Слободан Трендафилов, претседател на ССМ.
ССМ побара барањето за повлекување на одлуката за зголемување на функционерски плати за 78 отсто доставено до Собранието во август минатата година да се „извади од фиока“ и да се стави пред пратениците на разгледување.