СКОПЈЕ – Обвинителството денес го поднесе обвинителниот акт против Љупчо Палевски – Палчо за свирепите убиства на четиринаесетгодишната Вања Ѓорчевска и седумдесет и четиригодишниот Панче Жежовски.
Палевски ќе одговара за две дела грабнување и две дела убиство на свиреп начин.
„Обвинителството достави обвинителен акт против едно лице за едно кривично дело – Убиство од чл.123 ст.2 т.1 и т.7 в.в. со чл.22 од Кривичниот законик и едно кривично дело – Убиство од чл.123 ст.2 т.1 и т.4 в.в. со чл.22 од Кривичниот законик и двете казниви по чл.123 ст.3 од Кривичниот законик. Едно кривично дело – Грабнување од чл.141 ст.2 в.в. со ст.1 в.в. со чл.22 од Кривичниот законик и едно кривично дело – Грабнување од чл.141 ст.1 в.в. со чл.22 од Кривичниот законик“, стои во официјалното соопштение на Обвинителството.
Од обвинението може да се заклучи дека Обвинителството ќе ја бара најстрогата казна за Палевски – доживотен затвор, кој е предвиден со членот од Кривичниот законик по кој се товари.
„(2) Со затвор најмалку десет години или со доживотен затвор ќе се казни тој што: (1) друг ќе лиши од живот на свиреп или подмолен начин, 4) друг ќе лиши од живот од користољубие, заради извршување или прикривање на друго кривично дело, од безобѕирна одмазда или од други ниски побуди„, стои во Кривичниот законик.
Истрагата на обвинителството утврдила дека Палевски и останатите обвинети го испланирале и организирале грабнувањето на Вања за да бараат откуп. Жежовски бил ликвидиран затоа што за спроведување на планот им требал неговиот автомобил.
„На 22.11.2023, обвинетиот заедно со уште тројца претходно обвинети заеднички извршиле грабнување на оштетениот Панче Жежовски во Велес, со намера да го присилат да им го даде сопственото возило “Цитроен” за да го користат за грабнување на детето во Скопје. Обвинетите отишле до куќата на оштетениот, физички го совладале и го врзале, а потоа го ставиле во багажникот и се упатиле до местото викано “Рудник” во околината на Велес, каде од користољубие и на свиреп начин, со умисла го лишиле од живот со огнено оружје – пиштол со калибар 9 милиметри. На 27.11.2023, обвинетите, помогнати од обвинет родител, извршиле грабнување на девојчето во влезот од зграда на улицата “Наум Наумовски Борче” во Скопје. Ја врзале и ја однеле во близина на местото викано “Дупки”, во атарот на селото Бразда, па таму на свиреп начин, со умисла го лишиле од живот малолетното лице“, информираат од Обвинителството.
На почетокот на минатиот месец беа поднесени и обвиненијата против Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски за грабнувањето и свирепите убиства на Вања Ѓорчевска и Жежовски.
Манев, Видевски и Кешишов, се обвинети за две дела грабнување и убиство додека Александар Ѓорчевски, таткото на Вања е обвинет за грабнување.
Обвинителството соопшти дека бара спојување на двете постапки во една бидејќи станува збор за обвиненија за ист настан.
Според процедурата, Кривичниот совет во скопскиот Кривичен суд треба да го одобри обвинителниот акт против Палевски и потоа да се закаже стартот на судскиот процес кој според Проценките ќе биде на почетокот на идниот месец.