Шведското знаме за прв пат беше подигнато пред седиштето на НАТО во Брисел во понеделникот, пред свечената церемонија на пречек на нордиската земја како 32-ра членка на алијансата.
На прес-конференцијата веднаш потоа, шведскиот премиер Улф Кристерсон му се придружи на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во најава за посилен, пообединет НАТО.
„Безбедносната ситуација во нашиот регион не беше толку сериозна од Втората светска војна и Русија ќе остане закана за евроатлантската безбедност во догледна иднина“, рече Кристерсон.
„Во оваа светлина Шведска поднесе барање да се приклучи на одбранбената алијанса на НАТО за да стекне безбедност, но и да обезбеди безбедност“, додаде тој.
Руската инвазија на Украина во 2022 година ги поттикна и Шведска и Финска да побараат членство во НАТО по години во кои двете земји одржуваа воена неутралност. Столтенберг уште еднаш рече дека целите на рускиот претседател Владимир Путин кога ја започна инвазијата се спротивставени.
„Тој сакаше помалку НАТО и поголема контрола над неговите соседи. Тој сакаше да ја уништи Украина како суверена држава, но не успеа“, рече Столтенберг.
„НАТО е поголем и посилен. Украина е поблиску до членство во НАТО од кога било досега“, додаде тој.
Шведска беше официјално пречекана во НАТО минатиот четврток од американскиот државен секретар Антони Блинкен. Околу 20.000 шведски воен персонал учествуваа во вежбите на НАТО заедно со финските и норвешките војници минатата недела во Норвешка и Финска.
По неколку месеци одложување, Турција го ратификуваше приемот на Шведска претходно оваа година, а Унгарија го стори тоа во последните денови.
Турција изрази загриженост дека Шведска се засолнува и не презема доволно мерки против курдските групи кои ги смета за терористи, а унгарскиот популистички претседател Виктор Орбан покажа проруски чувства.
Некои информации за овој извештај дадоа Асошиетед прес, Ројтерс и Франс прес.