Почна претседателската кампања – Пендаровски од центарот на Скопје, Димитриевски од Крушево, Османи од Водно

Претседателска кампања во Северна Македонија. На фотографијата од лево кон десно, кандидатот Стево Пендаровски од СДСМ, Арбен Таравари од АА, Бујар Османи од ДУИ и Гордана Силјановска-Давкова од ВМРО-ДПМНЕ.

И официјално, од полноќ, почна кампањата за претстојните претседателски избори. Седумтемина кандидати ја стартуваа трката – кој од центарот на Скопје, кој од пред работните простории на шефот на државата на Водно, кој од изборните штабови низ државата, кој од Крушево.

Актуелниот претседател кој од граѓаните го бара вториот мандат најави интенизна кампања за првиот круг од изборите и посета на речиси 70 места. Очекувањата се дека ќе влезе во вториот круг и дека ќе победи.

„Очекуваме да имаме средби со илјадници наши граѓани и да им претставам што е мојата понуда за следните пет години. Некој ќе рече дека можеби преголемо претставување не е потребно од моја страна бидејќи имам зад себе петгодишен мандат и македонските граѓани многу добро знаат за што сум се залагал, што сум бил против, што сум поддржувал и од прилика знаат кој политички профил можат да очекуваат и во наредните пет години ако ми ја дадат довербата. Меѓутоа, јас мислам дека контекстот изминатите пет години се има малку променето и регионалниот и внатрешниот, се разбира и меѓународниот со војната во Украина и дека би требало да ги кажам новелирани моите ставови по некои прашања кои имаат посебна специфична политичка динамика. Очекувам во првиот круг гласовите да се поделат на повеќе страни и не очекувам дека има некој било каква шанса да добие во првиот круг, меѓутоа во вториот очекувам да влезам и да ги добијам изборите на крајот“, рече кандидатот на СДСМ за претседател, Стево Пендаровски.

Само што се врати од министерскиот состанок на НАТО во Брисел каде беше во својство на шеф на дипломатијата, Бујар Османи, како кандидат, се појави пред просториите на претседателот на државата за да го означи стартот на неговата кампања. „Се наоѓаме на крстопат – едниот пат е кон светла европска иднина, другиот пат кон изолација и бесперспективност“, изјави кандидатот на ДУИ.

Your browser doesn’t support HTML5

Почна претседателската кампања

„Овие избори не се обични избори, туку народен референдум кој ќе ја определи иднината на државата. 05.00 Позади мене стои најголемиот мултиетнички европски фронт, коалиција од девет партии, нова платформа која што е произлезена од Рамковниот договор, чија што цел е на овој крстопат да го задржи евроатлантскиот курс, да ја задржи меѓуетничката хармонија во државата, да ги зачува меѓусоседските односи и се разбира, да го заврши евроинтегративниот пат за Северна Македонија да стане членка на Европската унија до 2030 година. Придружете ни се. Мојата покана е до сите граѓани“, рече кандидатот на ДУИ, Бујар Османи.

Билјана Ванковска најави скромна камапња и како што рече, понуда на суштина – една поинаква визија за Македонија, наспроти нејзините противкандидати кои, според неа, ќе се расфрлаат со реклами и билборди.

„Како што гледате, ја започнуваме изборната кампања токму на денот кога законот го бара тоа. Немавме големи конвенции, филхармонии, хали, хотели, ниту, пак, ќе ги имаме. Тоа зборува за нашиот пристап и разбирање на оваа борба. На оваа кампања ќе се претставиме скромно, согласно своите можности, онака скромно каков што е скромен и нашиот народ – сиромашен, напатен, обичен, тој“, рече кандидатката на Левица, Билјана Ванковска.

Пред споменикот Македониум во Крушево, Максим Димитриевски ја стартуваше кампањата во која најави пет приоритети откако, како што рече, ќе ја преземе функцијата шеф на државата.

„Ќе се залагам за отчетност и одговорност и транспарентно работење на носителите на јавни функции за искоренување на корупцијата. Ќе инсиситирам на одговорност– односно ќе се држам до начелото дека правдата е еднаква за сите“, рече кандидатот на ЗНАМ, Максим Димитриевски.

Кампањата ќе таре 20 дена до полноќ на 22 април кога почнува молкот. Првиот круг претседателски избори е закажан за 24 април.