Платите веќе не се пресудни: Македонското население заминува во потрага по поквалитетен живот

Your browser doesn’t support HTML5

Ни фалат другарите, ни фалат родителите. Но, не ни фали општеството. Македонија веќе не нуди мирен и нормален живот, вели 41-годишна скопјанка која со сопругот и детето година и пол живее во странство. Според директорот на Државната ревизија, годишно од државата заминуваат по 15.000 лица. .

Избркани од татковината поради нефункционалноста на системот. Така велат дека се чувствуваат голем дел од македонските граѓани, кои заминале од државата.

„Ни фалат другарите, ни фалат родителите. Но, не ни фали општеството. За да можеш да живееш мирен и нормален живот, мислам дека тоа Македонија веќе не го нуди. Не верувам дека ќе се смени во скоро време“, вели Емилија Маневска, која има 41 година.

Маневска, со сопругот и тригодишното дете, живеат во Шведска. Вели дека финансиите не им биле пoттик да заминат, туку потрагата по поквалитетен живот.

„Сопругот работеше во странска фирма во Скопје, јас имав своја фирма. Финансиите не ни биле проблем. Тоа што беше пресудно, беше квалитетот на животот“, објаснува Маневска.

Со добро платена работа во Скопје бил и 34-годишниот, Марјан Габерски. Сепак, веќе година и пол живее и работи во Германија. Заминал поради низа состојби во македонското општество:

„Политика, многу лоша. Сите институции функционираат по принципот вујко, тетка, чичко, стрина. Ако немаш човек, не можеш никаква работа да завршиш. Или, ако не поткупиш со мито, нема никакви шанси. Здравството е нула“, рече Габерски набројувајќи ги птичините за заминувањето.

Задоволен е што дошол во систем во кој, како што вели, правилата важат за секого.

„Тука работите се подобри средени. Ако те фатат на камера за сообраќаен прекршок, тогаш казната ќе си ја платиш, кој и да си. Без оглед дали си политичар, претседател, премиер, што сакаш биди, казната си е твоја, треба да се плати и тоа е тоа“, објаснува Габерски.

Нашите скоро иселени соговорници се дел од бројните македонски граѓани од разни професии и возрасти што ја напуштаат државата. Според пресметките на Државниот завод за ревизија, годишно од земјата заминуваат по 2.500 високообразовани лица.

„Имаме сознанија дека тие се професори на одредени факултети, истражувачи коишто се докажале на меѓународно ниво. Така, можете да сфатите колку државата изгубила во однос на тоа што значи бруто домашен производ“, вели Максим Ацевски, Главен државен ревизор.

Првиот човек, пак, на државната статистика, Апостол Симовски, неодамна изјави дека вкупната годишна бројка на отселени лица, од различни нивоа на стручност, е многу поголема.

„Нашата проценка е дека во овој момент е дека некаде околу 15.000 лица се иселуваат годишно од државата“, изјави неодамна директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, во интервју за Радио Слободна Европа.

Младинскиот образовен форум е една од ретките организации во државата што работи за и со младите. Од таму укажуваат дека неможноста за напредок на новите генерации е една од почестите причини за иселувањето.

„Поради високото ниво на корупција и корумпираност што владее во општеството, младите знаат дека ако сакаат да се вработат и да напредуваат понатаму во нивната кариера, треба да извадат партиска книшка. Тоа ги демотивира“, нагласува Ристо Савески, претседател на Младинскиот образовен форум.