Секоја година главниот град на Јапонија, Токио, издава само пет лиценци за уметници да настапуваат на најфреквентните јавни локации во метрополата. Меѓу тие петмина е и Пере Јованов.
„Пет лиценци кои се издаваат секоја година. Значи само пет среќници можат да ги користат тие лиценци. За прв пат лиценца добив во 2015 година и од тогаш речиси секојдневно ја практикувам таа уметност на свирење виолончело на јавни места“, вели Јованов за Гласот на Америка на македонски.
Не може настан да помине без „Јовано, Јованке“, без „Македонско девојче“...Пере Јованов, музичар
Но, Јованов очигледно имал повеќе од среќа. Конкуренцијата за овие дозволи е голема, ако се знае дека само во потесното градско подрачје на Токио живеат 13 милиони жители, а уште 38 милиони во предградијата.
Јованов на тоа гледа како - публика што ги слуша неговите изведби.
„Не може настан да помине без „Јовано, Јованке“, без „Македонско девојче“...“, вели тој.
Јованов од осум години се дружи со музиката. Роден е во струмичкото село Куклиш. Станал академски музичар. Дипломирал на конзерваториумот за музика „Џовани Батиста Мартини“ во Болоња, Италија, каде се запознал со убава Јапонка која подоцна станала негова сопруга. Решиле да живеат во Токио.
За себе зборува како музичар кој има голема чест, но и специјална одговорност - да ја прикаже македонската култура на најдобар можен начин.
„Пред една недела настапив во градот Чигасаки, на сто километри од Токио. Тој град ќе биде домаќин на македонските спортисти кои ќе дојдат на Олимпијадата во 2020 година“, вели музичарот.
Американската музичка култура силно влијаела на творештвото на Јованов, така што тој често изведува дела од култни американски музичари како Елвис Присли или Мајкл Џексон.
„Мајкл Џексон е еден од моите најомилени музичари на сите времиња и секогаш ми дава огромна енергија да ги свирам неговите песни. Јапонците се многу изненадени кога ќе видат дека Мајкл Џексон може да се свири на виолончело“, вели тој.
Сонот на Јованов е еден ден да се претстави и во САД, особено што, како што вели, е голем фан на кошаркарската НБА звезда Винс Картер.
„Се надевам следната година, која му е последна година во НБА, да тргнам на една авантура од Јапонија за Америка“, вели Јованов.
Во меѓувреме, тој свири на најпосетените јавни места во Токио и издава ЦД-а. Последното е со концертни мелодии од италијанска опера.