Пентагон загрижен од растечката соработка на Арктикот меѓу Кина и Русија

Русија повторно отвори стотици воени локации од советската ера на Арктикот, се вели во извештајот. Кина, која се опишува себеси како држава „близу Арктикот“, исто така, има амбиции таму

Русија и Кина сè повеќе соработуваат на Арктикот, што може да влијае на регионалната стабилност, соопшти американската војска објавувајќи ја својата стратегија за регионот во понеделникот.

Русија повторно отвори стотици воени локации од советската ера на Арктикот, се вели во извештајот. Кина, која се опишува себеси како држава „близу Арктикот“, исто така, има амбиции таму.

Кина е насочена кон минералните ресурси и новите бродски рути, како што мразот се повлекува со зголемените температури.

„Сè повеќе, (Народна Република Кина) и Русија соработуваат на Арктикот преку повеќе инструменти на национална моќ“, се вели во извештајот на Пентагон.

„Иако остануваат значајни области на несогласување меѓу НР Кина и Русија, нивното растечко усогласување во регионот е загрижувачко и (одделот за одбрана) продолжува да ја следи оваа соработка“, се додава.

Арктичките морски патишта се` повеќе се користат за поврзување на големите економии низ Тихиот и Атлантскиот Океан, како што глобалното затоплување го топи мразот и води до подолги периоди без мраз на море.

Во извештајот на Пентагон се додава дека Кина сака да ја искористи „променливата динамика на Арктикот за да има поголемо влијание и пристап, да ги искористи предностите на арктичките ресурси и да игра поголема улога во регионалното управување“.

Во извештајот се додава дека американската војска има стратегија „набљудувај и реагирај“ во регионот, која е изградена на собирање разузнавачки информации, соработка со сојузниците и способност за распоредување воени средства.

Овој месец, САД, Канада и Финска ќе формираат конзорциум за изградба на бродови наменети за спротивставување на Русија и Кина во сè постратешки поларни региони.

Договорот - кој трите членки на НАТО имаат за цел да го потпишат до крајот на годината - ќе ја здружи побарувачката од сојузниците за да го зголеми капацитетот за бродоградба, како и да испрати порака до Русија и Кина.