Доста сериозни се информациите за заканите на Бугарија со безбедносни служби, рече Лора Купер за една година од приемот во НАТО

Your browser doesn’t support HTML5

Заменик-помошникот секретар за одбрана на САД рече дека двете држави треба да најдат храброст да го продолжат дијалогот

Доста сериозни се информациите за заканите на Бугарија со безбедносни служби да го решава проблемот за наводното кршење на правата на бугарски граѓани во Северна Македонија, рече заменик-помошникот секретар за одбрана на САД Лора Купер, во интервју за Гласот на Америка, по повод една година од членството на државата во НАТО Алијансата.

Бугарскиот претседател Румен Радев се закани дека ќе ги активира безбедносните служби поради наводно кршење на правата на бугарската дијаспора во Северна Македонија. Прифатливо ли е една НАТО членка да ѝ се заканува на друга НАТО членка?

Не сум запознаена со овие коментари што ги спомнавте, но, тие звучат доста сериозно. Јас можам да кажам од позиција на одбранбена соработка, дека она што уште го гледам во регионот е доста стабилен прогрес во одбранбената соработка меѓу НАТО членките, вклучувајќи ја и Северна Македонија. Почна по Договорот од Преспа, кога ги видовме воздушните сили на Грција како го прелетуваат небото врз Северна Македонија, и ќе продолжи со серијата вежби „Бранител 21“ оваа пролет, во која ќе учествуваат не само Северна Македонија, туку и Бугарија и други држави во регионот.

Во вакви услови двете држави следниот месец треба да ги продолажат официјалните преговори за евентуално отстранување на бугарското вето. Што ќе им порачате?

Мојата порака до двете држави е да го продолжат дијалогот, и да ја усовршат политичката храброст за да можат да изградат конструктивен пат напред.

Што е различна државата денес во споредба со лани пред да влезе во НАТО Алијансата?

Државата има многу за што да слави денес, иако беше неверојатно тешка година во Северна Македонија и во целиот свет. Но, прославата за членството во НАТО не е само за изминатва година, туку навистана е за години напорана работа на граѓаните и воените сили на Северна Македонија. Неверојатно е кога ќе се помисли дека Северна Македонија почна во 2002 година да учествува во НАТО мисии во Авганистан и Ирак, и во овој момент има испратено 4.000 сили во тие мисии.

Последниот Индекс за перцепција на корупцијата ја рангираше државата најлошо од 2001 година. Реално ли е да се очекуваат инвестиции од НАТО членки во ваква клима?

САД и конкретно администрацијата на Бајден цврсто ја поддржуваат борбата против корупцијата. Ние работиме преку колегите од Стејт департментот и УСАИД да ги поддржиме владините напори во борбата против корупцијата, не само во Северна Македонија, туку и на Западниот Балкан.

САД и Северна Македонија потпишаа нов меморандум за разбирање за одбранбена соработка. Звучи доста апстрактно за да може секој да го разбере. Можете ли да објасните што конкретно се предвидува со него?

Овој меморандум на разбирање во однос на одбранбената соработка навистина претставува нацрт кој ќе може да ја насочува одбранбената соработка меѓу Армијата на САД и вооружените сили на Северна Македонија. Вклучува и обврски за политичка воена консултација, бидејќи сакаме да осигураме да разговараме со лидерството на Северна Македонија за безбедносните ситуации во регионот и глобално. Исто така, содржи и одредби за да се помогне модернизацијата на Армијата на Северна Македонија во однос на купување на клучната опрема, како и во однос на обука и вежби. Се работи за цел опсег на активности кои ја претставуваат основата на нашата одбранбена соработка.

Во однос на опремата, зошто се важни американските автоматски пушки кои САД ѝ ги донираа на државата неодамна?

Апсолутно. Ова е дел од поголем напор. Поголем напор од страна на Северна Македонија, но и поголем напор од страна на НАТО. Северна Македонија ги гради нејзините капацитети да придонесе со лесна пешадиска баталјонска група во НАТО за потребите на безбедносните операции. Не е само Северна Македонија што ги гради капацитетите, туку и многу од нејзините соседи кои се НАТО сојузници. САД прават што можат ги поддржат потребите од опрема на Северна Македонија, и во исто време Владата на Северна Македонија инвестира во сопствените безбедносни потреби, преку модернизација на нејзината опрема.

САД работат со државата на развивање на полигонот Криволак во центар за обука на НАТО. Кога ќе биде подготвен за големи вежби?

Очекуваме многу голем настан подоцна оваа година, на крајот на мај, односно почетокот на јуни, како дел од серијата вежби „Бранител 21“. Ќе донесеме навистина 12 држави во регионот, и конкретно на Криволак, да можат да тренираат заедно, како дел од овој напор.

Европа разочара со неуспехот да испорача вакцини во Северна Македонија и во други држави на Западен Балкан, кои сега во голема мера зависат од вакцини од Кина и Русија. Какви ќе бидат последиците за европската перспектива на регионот како резултат на ова?

Ние постојано го гледаме опортунистичкo однесување на Русија, која се обидува да ги искористи кризите, за каква и криза да се работи, да направи поделба, и да фрли спомнеж врз западните институции во регионот. Коронакризата не е ништо поразлична од она што го видовме во минатото, кога Русија се обидуваше да се меша и да го спречи пристапувањето во НАТО на Северна Македонија, Црна Гора и други. Со овие напори се обидуваат да направат различни нешта, да се фрли сомнеж врз потеклото на вирусот, и пред се` да се обидат да ја потценат довербата на јавноста во напорите на Владата да одговори на кризата. Овој тренд продолжува, и пристапот на НАТО, како и на САД, е фокус кон наука, постоечките институции и партнерства.

Што очекувате да се промени во односот САД - Северна Македонија ова време следната година, на втората годишнина од НАТО?

Се надевам следната година да погледнам на вежбата „Бранител 21“ како главен настан, заедно со сите овие држави, на Криволак. Исто така, се надевам дека ќе можам лично да се сретнам со студентите од Северна Македонија кои се дел од американските образовни воени институции. Се надевам и дека ќе го посетам Скопје, овојпат во постковид услови.