Проценките на државниот врв и на разузнавачките служби се дека Северна Македонија се уште е мета на бранот дезинформации кои во последниот период силно го зафати целиот регион на Западен Балкан. Сознанијата со кои располагаат надлежните институции се дека станува збор за добро координирани активности контролирани од неколку центри – пред се од Москва. Преку ширењето лажни наративи, особено од почетокот на агресијата врз Украина, Русија сака да влијае врз процесите во земјава и во регионот.
„Нашата држава за жал, е релативно лесна цел на дезинформациските кампањи поради слабата институционална и општествена отпорност кон нив. Она што претставува предност на демократските општества во нормални околности, за жал, е најголема потенцијална слабост во услови на внатрешна и надворешна поларизација. Руската агресија врз Украина создаде не само реален фронт на истокот од Европа, но и пропаганден фронт на Балканот бидејќи кога агресорот ја губи битката јасно е дека ќе настојува да отвори нов фронт за да си ја олесни положбата. Не смееме да ги игнорираме индициите дека зад проблемот со нашите евроинтеграции или зад тензиите во Косово и во Босна и Херцеговина, покрај објективните прашања и проблеми кои не се решени, има и голема количина на дезинформации и тн. непријателско поттикнување“, рече претседателот Пендаровски.
Една од клучните алатки кои Кремљ ги користи на западниот Балкан е историјата. Токму играњето на оваа карта, како што велат од разузнавачката заедница, е темелот на руската хибридна стратегија за регионот. За остварувањето на целта се користат сите елементи во општеството – од црквата, до медиумите.
„Москва во нејзината стратегија ја гледа историската меморија во Источна Европа и во Западен Балкан како главна можност за креирање спротивставени наративи, внатре во општествата, но и меѓу државите, преку манипулација на историски факти. И ние бевме сведоци и жртва на тоа. Тоа треба да влијае врз политичките одлуки во регионот преку притисокот кој би произлегол од емотивни реакции кај граѓаните и кај политичарите од отворените историски прашања. Бевме сведоци на тоа. Кремљ ги користи дипломатските капацитети во регионот за да ги контролира алатаките кои помагаат во пропаганда и лажење, се мисли на НВО, црковен клер, политички субјекти, медиуми, новинари...“, рече Еролд Муслиу, директор на агенцијата за разузнавање.
Дел од западните амбасадори во земјава, кои имаат искуство со Кремљ, не мислат дека рускиот модел на функционирање, на долги патеки е одржлив, но сепак предупредуваат на внимателност.
„Многу години живеев во Русија, добро ги познавам Русите. Тоа е земја која има економија колку Холандија и Белгија заедно, има население кое се намалува и кое има за 10 години покус животен век од нас, нема иновации и живее од продажба на производи кои се во рацете на неколкумина блиски до чове кој кого нема да го именувам. Тоа не е одржлив модел и не мислам дека треба многу од нив да стравуваме, но има руска изрека – за лудо куче 7 километри не претставуваат заобиколување, и затоа треба да останеме многу внимателни“, рече Дирк Јан Коп, амбасадор на Холандија.
Како начин за земјава да се справи со дезинформациите се предлагаат низа мерки што треба да се опфатат во една долгорочна стратегија како – сериозно инвестирање во медиумската писменост во рамките на образовниот систем, поголема транспарентност на институциите, политичка одговорност и отчетност кон граѓаните, враќање на довербата во институциите преку ефикасна борба против корупцијата...