Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска ги прими акредитивните писма од страна на Димитрис Јанакакис, вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Грција во Република Северна Македонија.
„Договорот од Преспа создава големи можности за постојано и значително унапредување на соработката на сите полиња и изградба на партнерски однос како што доликува на две соседни земји што споделуваат евроатлантски вредности“, рече претседателот Пендаровски, истакнувајќи дека нашата земја во духот на добрососедството е подготвена за натамошна посветена и суштинска соработка со Република Грција, што е од интерес за граѓаните на двете земји и нивната благосостојба.
Заблагодарувајќи се за топлото добредојде, амбасадорот Јанакакис истакна дека е почестен што е назначен за прв амбасадор на Република Грција во Република Северна Македонија и рече дека, од 2016 година, откако ја вршел должноста шеф на грчката канцеларија за врски во Скопје, е потпишан Договорот од Преспа, ратификуван и стапен на сила, што доведе Грција да го поддржи пристапувањето на Северна Македонија во НАТО и во ЕУ, нагласи Амбасадорот и додаде дека неговото целосно и навремено спроведување е од витално значење за односите меѓу двете земји.
Дали ќе ги започнеме преговорите со ЕУ е многу важно за имплементацијата на Договорот од Преспа. Секоја одлука донесена сега, која нема да биде јасна во однос на отпочнувањето на пристапните преговори за Северна Македонија со ЕУ ќе го торпедира Договорот.
Ова го истакнува Љупчо Петковски од Центарот за европски стратегии „Евротинк“, кој заедно со ЕЛИАМЕП и Фондацијата „Фридрих Еберт“ се организатори на јавна дискусија насловена „Нова влада, нов дискурс? Што се смени од Преспанскиот договор?“ што се одржа денеска во Скопје. „Не сум приврзаник на грозни сценарија кога станува збор за политиката, но може да видам дека каква било негативна одлука, неизбежно ќе ја намали посветеноста на нашата влада за имплементација на овој тежок Договор“, рече Петковски.