Пендаровски: Не згрешивме околу стратешките прашања, но застанавме на половина пат од слоганот „Нема правда, нема мир“

Застанавме на половина пат во нашиот слоган „Нема правда, нема мир“. Не може да го вратиме времето но мора да се обврземе на ветинг на политичари, судии и обвинители. Сите кои намерно држат предмети во фиоки или не може да докажат од каде им се милионите треба да лежат во затвор“, рече Пендаровски

СКОПЈЕ – „Ќе продолжам да работам за плата а не за проценти и да ги третирам сите еднакво, да ги почитувам младите луѓе. Ќе продолжам да им помагам на понижените, ќе продолжам да ги критикувам криминалот и високата корупција на сите и на оние кои гласале за мене. И во 2014 година и во 2019 година на гласачкото ливче бевме број три а бевме број еден. И во мај ќе останеме на врвот“. Вака кандидатот за претседател на коалицијата предводена од СДСМ, Стево Пендаровски, на изборната конвенција во Скопје која заврши предмалку ја побара поддршката од граѓаните и најави дека очекува победа пред присутните во салата „Борис Трајковски“.

Во своето обраќање се осврна на сработеното во петгодишниот мандат, жестоко ја критикуваше опозицијата и ги нагласи успесите но и грешките на неговата матична партија СДСМ. Најави дека ќе бара ветинг за судиите обвинителите и политичарите како што предложи опозицијата но со разлика што би се проверувало уште од осамостојувањето на државата.

„Кога станува збор за нашите грешки околу стратешките прашања немавме. Но за политики и за кадровски одлуки имавме. Застанавме на половина пат во нашиот слоган „Нема правда, нема мир“. Во оваа смисла не може да го вратиме времето но мора да се обврземе на ветинг на политичари, судии и обвинители. Сите кои намерно држат предмети во фиоки или не може да докажат од каде им се милионите треба да лежат во затвор. Го поддржувам ветингот на политичарите кој го предложи опозицијата и додавам една ставка – да се испитува од деведесеттите до денес да се види кои ги кршеа ембаргата и зедоа национализиран имот за себе“, рече Пендаровски пред присутните.

Во своето обраќање Пендаровски упати остри критики кон опозициска ВМРО – ДПМНЕ која ја обвини дека шири поделби во македонското општество и дека на секој начин ја саботирала евроатлантската иднина на државата а раководството на партијата го нарече квазипатриоти.

„Истите тие политичари и партии во 2001 година наместо Рамковниот договор нудеа војна до истребување. Наместо договорот од Преспа нудат негово поништување и алтернатива зачленување во БРИКС. Политичари и партии нема став за референдумот во 2018 година и не го соопштија. Секогаш викаат „никогаш северна“ ама во изминатите 5 години земаат плати како градоначалници и пратеници и не им паѓа на памет да ги вратат мандатите. Пред три години кога сите сили работевме на модификација на францускиот предлог и имавме тешки битки со Бугарија тие ја саботираа а европратеници и европарламентарци кои им ја работат сега програмата беа на бугарска страна. Не се извинија за најсрамниот чин во историјата на Македонија – 27 април“, рече Пендаровски.

Пред присутните се обрати претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, кој најави дека победата на двојните избори почнува со победата на Стево Пендаровски и ја истакна соработката која ја имал со него во изминатиот период и дека крајната цел е интеграција на Северна Македонија во ЕУ.

„Европска Македонија ќе биде реалност! Нема откажување, како што јас и Стево не се откажавме, ни во тие најтешки наши моменти. Тоа го направивме не затоа што е лесно, туку напротив, затоа што е тешко и затоа што знаевме дека нема кој друг да ја донесе таа одлука. Вечерва, тука од Скопје, ве повикувам сите да го поддржиме нашиот претседател Стево во првиот круг на 24 април и да покажеме дека Македонија сака лидер кој верува во европските вредности и во прогресивната иднина. А на 8-ми мај да ја прогласиме конечната победа за европска Македонија. Единствениот пат кој води оттука е до победа! Одиме на победа! Нема застанување додека не ја направиме Македонија дел од Европа. Нема откажување додека Европа не ја донесеме во Македонија“, рече Ковачевски.

На изборната конвенција се обратија и Елизабета Ѓоргиевска, сопруга на Пендаровски, музичарот Ристо Вртев, глумицата Несрин Таир и Рамадан Рамадани.

Првиот круг на претседателските избори ќе се одржи на 24 април а покрај Пендаровски кабинетот во „Вила Водно“ ќе се борат и Гордана Силјановска Давкова од ВМРО – ДПМНЕ, Бујар Османи од ДУИ, Максим Димитриевски од ЗНАМ, Арбен Таравари од Вреди, Билјана Ванковска од Левица и Стевчо Јакимовски од партијата ГРОМ.

Вториот круг на претседателските избори е закажан на 8 мај заедно со парламентарните избори.