Усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција во најскоро време е клучен приоритет за Северна Македонија – тоа претседателот Пендаровски го пренел на средбите во Брисел со врвот на Европската унија. Позицијата на шефот на државата, кој поради пандемијата, по подолга пауза, го посети седиштето на ЕУ, е дека земјата покажала политичка зрелост и фокус на остварување на европската перспектива и дека продолжувањето на процесот на нејзина интеграција е во интерес на стабилноста и безбедноста на регионот.
„Разговаравме за реформите кои се во тек во нашата земја, се разбира дека тука имавме подолга дискусија за тоа што тие очекуваат од нас, главната работа која ја очекуваат, е да се задржи и по можност засили реформското темпо. Јас известив за најновите случувања во таа смисла, за процесуирањето на неколку т.н. високи случаи на корупција, дури и на функционери од сегашната политичка постава, структура на власт, што беше поздравено, бидејќи се случува практично за прв пат во историјата на нашата држава, меѓутоа тие побараа да се удвојат напорите во борбата против случаите на висока корупција и апсолутно е јасно дека тоа ни е забелешка која ни ја кажуваат со години наназад и дека немаме уште многу време за да можеме, досието наше, реформско и проевропско во таа смисла да го допотполниме. Се разбира најголем дел потрошивме од дискусијата на проблемот што го имаме со Бугарија, значи тој проблем што Бугарија го има со нас“, изјави претседателот на С.Македонија, Стево Пендаровски.
На состаноците со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, со првиот човек на Европскиот парламент, Давид Сасоли, и со Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на Унијата, Жозеп Борел, Пендаровски потенцирал дека е непходно Брисел дополнително да ја динамизира својата улога, што според него, позитивно ќе влијае не само врз Северна Македонија, туку и врз целиот Западниот Балкан. Со еврокомесарот за проширување, Вархеји, освен за прашањето за старт на преговори со Северна Македонија, процес кој се уште е блокиран поради бугарското спротивставување, се разговарало и за реализација на договорот за распределба на 651 илјади фајзерови вакцини за Западен Балкан, од кои Македонија ќе добие 119 илјади дози.
„Ја потенцирав поддршката за отворање на преговорите за членство и потребата Советот на ЕУ да се согласи за преговарачката рамка. Важно е Северна Македонија и Бугарија да изнајдат заеднички прифатливо решение“ - напиша Вархеји на Твитер по средбата со Пендаровски.
И Стејт Департментот во изјавата за посветеност на САД на Западниот Балкан порача дека го поздравува напредокот на Албнија и Северна Македонија во клучните реформи и дека продолжува со поддршката за двете земји во јуни да ги почнат пристапните преговори.