На денешниот прв брифинг по преземањето на функцијата, новиот шеф на државата, Стево Пендаровски ги обелодени имињата на најблиските соработници – изненадувања не недостасуваа.
Советник за национална безбедност ќе биде Блерим Кољали, човек со децениско искуство во мисијата на НАТО во Скопје кој претходно има работено и во американската амбасада. Советник за надворешна политика ќе биде дипломатот од кариера Гоце Карајанов, кој бил Генерален конзул во Њујорк и амбасадор во Русија и чие минато напредување се поврзуваше со поранешната владејачка структура. Во делот на односите со јавност, ресорот го презема Билјана Радева која речиси 8 години во Британската амбасада беше задолжена за комуникација со медиумите. Важи за експерт за дигитална дипломатија. 5 години работела во Министерството за одбрана, од кои 2 била шеф на кабинетот на министерот.
Пендаровски се реши да ангажира и неколкумина надворешни соработници – звучни професорски и судиски имиња познати во јавноста: Денко Малески, Беса Арифи и Мирјана Лазарова-Трајковска. Надворешни советници ќе бидат и поранешниот министер Александар Димитров и амбасадорот во пензија Александар Тавчиовски. Од претходно беше познато дека шеф на претседателскиот кабинет ќе биде екс-владиниот портпарол Миле Бошњаковски, а политички советник професорот од правниот факултет Александар Спасов.
Под ингеренциите на претседателот на државата е Агенцијата за разузнавање. На нејзино чело Пендаровски го планира Ерол Муслиу, човек од редовите на агенцијата, кој е во оваа институција од нејзиното формирање.