Веројатно никогаш нема да се согласам со Трамп за нападот на Конгресот на 6. јануари, рече Пенс

Поранешниот потпретседател на САД рече дека сепак е горд за тоа што го направиле за американските граѓани изминативе четири години

Поранешниот потпретседател на САД Мајк Пенс, вели дека не е сигурен оти некогаш ќе се согласи со поранешниот претседател Доналд Трамп за нападот врз Конгресот на 6. јануари, но, оти секогаш ќе биде горд за тоа што го постигнале за американските граѓани изминативе четири години, објави Асошиетед прес.

Пенс го кажа ова вчера, при говор на републиканска вечера во Њу Хемпшир.

„Како што реков тој ден, 6. јануари беше црн ден во историјата на американскиот Капитол. Но, благодарение на брзата реакција на полицијата, насилството беше совладано. Конгресот беше обезбеден“, рече Пенс, додавајќи дека зборувал со Трамп многу пати откако заминале од функцијата.

Ова е првпат Пенс поопширно да коментира за насилството на почетокот на годинава, кога поддржувачи на Трамп упаднаа во Конгресот, дел од кои повикуваа да се обеси Пенс, откако претходно тој рече дека нема надлежност да го промени изборниот резултат и поразот на Трамп.