Пенс: Сите опции се на маса за Северна Кореја

Американскиот потпретседател денеска е во посета на Јапонија, во рамки на турнејата во Азија

Потпретседателот Мајк Пенс, кој се наоѓа во посета на Јапонија, изјави дека меѓународната заедница треба да примени дипломатски и економски притисок врз Северна Кореја, за да се откаже од нуклеарната и програмата за балистички проектили.

Пенс истакна дека САД „нема да попуштат“, додека не ја постигнат целта на ослободување на Корејскиот Полуостров од нуклеарно оружје, и дека „сите опции се на маса“.

Тој ги спомена претходните напори за преговарање со Северна Кореја околу нејзината нуклеарна програма, вклучувајќи ги шестпартитните разговори од 2009-та, кои завршија неуспешно. Пенс подвлече дека Северна Кореја повеќепати одговорила со „прекршени ветувања и дополнителни провокации“.

Американскиот потпретседател го повтори ставот дека „дојден е крај на ерата на стратешко трпение“, потенцирајќи дека најдобар начин за изолирање и вршење притисок врз Северна Кореја, е преку дијалог меѓу САД, Јапонија, Јужна Кореја и Кина.

Јапонскиот премиер Шинзо Абе, по средбата со Пенс кажа дека го почитува пристапот „сите опции на маса“. Тој додаде дека се надева на мирољубив дијалог со Северна Кореја, но „да се разговара, колку само да се има дијалог“, нема никаква вредност.