Кои се безбедносните приоритети на администрацијата на Трамп?

Дискусија во Институтот за мир, на тема „Улогата на САД во светот“, меѓу смена на двете администрации

„Транзицијата оди мошне мазно. Се` уште не сум се сретнал со мојот наследник, но очекувам да се случи во брзо време“, изјави државниот секретар на САД Џон Кери, на денешната дискусија во Институтот за мир, за глобалните предизвици со кои се соочува Америка, за време на транзицијата на двете администрации.

Кери рече дека оваа транзиција е различна од претходната, бидејќи се работи за комплетна смена на партиите. На прашањето дали САД ќе продолжат да го предводат светот, тој истакна:

„Нема да биде лидерство ако заминеме од Кина, Германија, Русија, Франција и од Британија. Нема да бидеме лидери ако му свртиме грб на договорот за климатски промени. Ние бевме лидери, и овие договори се случија во време на нашата администрација“, изјави Кери.

Советничката за државна безбедност во Белата куќа Сузан Рајс, ги истакна прашањата за државна безбедност, ракувајќи се со нејзиниот наследник, пензионираниот генерал Мајкл Флин.

„Секоја администрација наследува предизвици со кои ќе треба да се соочи. Со работата на админстрацијата на Обама, денес САД се позиционирани стратешки, на начин што можат да се соочат со предизвиците што доаѓаат“, подвлече Рајс, нагласувајќи ја борбата против тероризмот во светот, и обновување на мировните договори и воената помош во многу држави.

Според Флин, државната безбедност ќе остане приоритет на администрацијата на новоизбраниот претседател Доналд Трамп, додавајќи дека САД ќе останат супер сила во светот.

„Да се биде советник за државна безбедност, значи огромна одговорност во одбрана и заштита на американскиот народ, нашата држава и на Уставот. Со добивање на таква одговорност, нашата мисија ќе биде да осигураме дека ќе им служиме на претседателот и на американскиот народ“, изјави Флин и додаде:

„Со цел тоа да го постигнеме, ние ќе бидеме целосно посветени да продолжиме со реформите почнати од претходната администрација. Сето ова ќе биде направено во духот на заедничката цел, а тоа е државната безбедност“, вели Флин.