Патни листови во амбасадите и конзулатите за граѓаните да можат да се вратат од странство по 12 февруари

Најголем наплив има во Германија, Италија и Швајцарија каде во ДКП се испраќаат дипломати на испомош, ќе се работи во две смени и во текот на викендот. Македонските државјани кои се на брод ќе може да аплицираат електронски за патна исправа


СКОПЈЕ – Македонските државјани кои се во странство а кои поседуваат патна исправа која гласи на името „Република Македонија“ ќе може да ги користат уште три дена заклучно со полноќ на 12 февруари. Потоа за да може да се вратат во земјава ќе мора да добијат патен лист во најблиското дипломатско конзуларно претставништво (ДКП).

За таа цел шефот на дипломатијата, Бујар Османи, на денешниот брифинг соопшти дека во ДКП каде што има огромен наплив од апликации за нови патни исправи или пак во државите каде има голем број македонски државјани ќе се испратат дипломати на испомош, ќе се воведе двосменско работење и во текот на викендот а во државите каде е критично и две нови мобилни станици за издавање на пасоши.

Според Османи состојбата е критична во Германија, Италија и Швајцарија, а голем број на барања има и во САД, Австрија и Словенија. Најголем број на апликации во моментов има во Конзулатот во Бон – 8.300, а во некои конзуларни претставништва во САД и Европа во дворовите секојдневно има и по неколку стотини македонски државјани кои се обидуваат да аплицираат за нова патна исправа.

„ Тоа што забележувам е дека има одредена паника кај нашите граѓани во дијаспората дека по 12 февруари ќе можат да ги изгубат работните места, ќе можат да ги изгубат дозволите за привремен престој и поради тоа има наплив во нашите дипломатско-конзуларни претставништва, особено во Германија и тоа во трите наши ДКП таму – во Берлин, Бон и Минхен. Во Швајцарија во Берн, во Италија во Рим и Венеција, и во Словенија и некои други држави вклучувајќи ги и Њујорк и Чикаго“, изјави министерот Османи.

Османи вчера имал он лајн состанок со шефовите на сите 60 ДКП на кој било договорено во градови во неколку странски држави каде што има голем број на македонски државјани а нема дипломатско претставништво од 12 февруари да се воведе календар на конзуларни денови и да се изнајми просторија или објект каде граѓаните ќе може да поднесат апликации за патни исправи но и од дипломатскиот тим да добијат патен лист за да може да патуваат.

„Тие што планираат да се вратат за да извадат пасош да знаат дека мора да имаат закажано термин и нема да го добијат веднаш. Да не се случи да планираат дојдат на кратко време и потоа да се задржат во тука и со тоа да ги нарушат обврските и задачите во државите каде престојуваат“, нагласи Османи.

Се разгледува и можноста за позиционирање на дипломатски тимови на неколку аеродроми во Европа каде директно би се издавале патни листови на македонските државјани за да може да се вратат во земјава.

За Африка, која ја покрива само едно ДКП но и за македонските граѓани кои работат на бродови, како решение се нуди електронското аплицирање за патна исправа која потоа би им била испратена по пошта.

„За граѓани коишто не ќе можат да извадат патен лист, а ќе бидат затекнати надвор од итни и неодложни работи, од хуманитарен карактер, разговараме со државите да им излезат во пресрет, да можат без никаков проблем да се вратат дома“, рече Османи но нагласи дека граѓаните не смеат да се потпираат на оваа можност.

Личните карти и возачките дозволи ќе важат и по 12 февруари за македонските државјани но само за внатрешна употреба. Северна Македонија има договор со неколку држави од соседството за патување со лични карти и според Османи таа можност во моментов зависи исклучиво од индивидуалните одлуки на тие држави. Она што треба да се потенцира за граѓаните кои по 12 февруари 24 е сакаат со автомобил да патуваат во странство е што покрај патна исправа и возачка дозвола, ќе мора да имаат и сообраќајна дозвола со името на државата „Република Северна Македонија“.