Имиња на осумнаесет лауреати кои изминативе години добиле награда за животно дело на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ се изгравирани на ѕвезди и поставени на „Патеката на славните“ на Широк Сокак во Битола.
Ваква награда во 45-годишното постоење на фестивалот им била доделена на 38 луѓе, од кои 18 се во моментов живи од кои најголем дел од нив се постари од 80 години.
„Тие се на таа возраст и тешко се решаваат да дојдат, никој во светот не ги собрал на едно место. Како да ги собереме? Ќе направиме ѕвезди на Широк Сокак, затоа што кинематограферите се најмалку чествуваните мајстори и уметници во филмот“, изјави за Гласот на Америка, директорот на фестивалот „Браќа Манаки“, Симеон Мони Дамевски.
Ѕвездите се изработени од месинг со изгравирано име на кинематограферите лауреати и вградени во плоча од мермер долж од киното Манаки, покрај куќата во која живееле браќата Манаки и се до Офицерски дом. На првата ѕвезда пред киното „Манаки“ се врежани се имињата на кинематограферите Милтон и Јанаки Манаки.
Четириесет и петтото издание на фестивалот „Браќа Манаки“ беше отворено со филмот „Партенобе“ на Паоло Сорентино, а завршува на 27 септември со македонската премиера на филмот „Убиј ги прво децата“ во режија на Димитар Оравчанец.