СКОПЈЕ – Со зурли и тапан Венко Филипче беше крунисан како нов претседател на СДСМ а тој во своето прво обраќање од седиштето на партијата порача дека сега не е време за славење. Стигнаа првите честитки од сопартијците но и забелешки околу самиот процес на избор и легитимноста. Обединување или уште подлабоко разединување кај членството е првата сериозна задача која стои пред новиот претседател Филипче. Тој вети дека ќе биде достапен за секој член за да го чуе неговиот став и мислење и најави реформа и реорганизација во партијата.
„Сега е време за обнова на СДСМ и многу работа. Нема време за славење. Следи период на реорганизација и реформа согласно моите програмски ветувања со кои сум сигурен дека СДСМ повторно ќе победува. Нема да биде ниту брзо ниту лесно“, рече Филипче.
Според аналитичарот Петар Арсовски, јасно е дека членството во СДСМ бара нешто ново а за тоа показател се внатрепартиските избори. Пред Филипче стои сериозна задача и ребрендирање на раководството.
„Мислам дека тешко ќе оди со партиската кохезија. Прва пат сме сведоци на тензични избори во СДСМ и дел од кандидатите имаа обвинувања околу процесот. Лекувањето ќе оди поспоро. и лекувањето ќе иде поспоро. Клучно за Филипче и партијата е да се променат и да бидат вистинска и ефикасна конструктивна опозиција. Дали Филипче ќе успее во тоа ќе видиме до крајот на годината, претходно е рано. Тогаш ќе видиме дали локалните организации ќе застанат зад него, ќе има вистински попис на членството и ребрендирање на раководството. е да се обиде да ја промени партијата. Изборите покажаа дека членството во СДСМ очигледно бара нешто ново“, смета аналитичарот Арсовски.
Од Централната изборна комисија (ЦИК) на СДСМ денес ја потврдија победата на Филипче. Примен е еден приговор, а дел од наведените нерегуларности во приговорот околу избирачкиот процес веќе биле наведени. Втор круг нема да има.
„Целосно е неосновано да се тврди дека станува збор за голем број на членови, ниту пак да се тврди дека ова има влијание на процесот. Секој кандидат имаше свои контролори на сите 77 избирачки места и во Централна изборна комисија на самиот ден на гласање. Констатиравме дека имаме кредибилен и демократски изборен процес. Го соопштивме веќе првичниот резултат од преброените 95% од гласовите. Волјата на членовите на СДСМ е јасна и недвосмислена. По пристигнување на сите записници и увидот во избирачкиот материјал, ќе ги соопштиме и конечните резултати“, изјави Викторија Аврамовска Мадиќ, претседателка на ЦИК.
Меѓу првите кои му го честитаа изборот беше неговиот претходник Димитар Ковачевски.
„Честитки за новиот претседател на СДСМ, Венко Филипче. Му посакувам успех во соочувањето со предизвиците коишто се исправени пред СДСМ, унапредување на социјалдемократските вредности и градење на победнички Социјалдемократски сојуз на Македонија!“, напиша Ковачевски на социјалната мрежа „Фејсбук“.
Поддршка и честитки стигнаа и од ексминистерот за внатрешни Оливер Спасовски.
„Упатувам срдечни честитки до новиот претседател на Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија, мојот другар Венко Филипче. Убеден сум дека тој ќе успее да го врати СДСМ на победничката патека, со социјалдемократска визија и заедништво како што доликува на европска и прогресивна партија. Да живее СДСМ! Да живее Македонија!“, стои во постот на Спасовски.
Меѓутоа дел од неговите противкандидати имаа забелешки на начинот на кој се водеше изборниот процес и кампањата, посочуваа за злоупотреба на податоци на членовите на партијата пријавени за гласање како и за нерегуларности при гласањето.
Славјанка Петровска се повлече од трката и кажа дека „од борба против заробена држава добивме заробена партија“, а Јован Деспотовски обвини дека на илјадници регистрирани членови не им било дозволено да гласаат.
„Како ни се случи над 10.000 наши членови кои се регистрирале за гласање односно изразиле иницијатива да учествуваат во изборниот процесот не можеа односно не го остварија своето право на глас. Како другар се радувам за Венко, бидејќи тој ми е другар ама не се радувам за СДСМ. И зградава е празна денес и тоа не е океј, тоа треба многу да каже за сите нас овде“, рече Деспотовски.
Александар Бајдевски, пак, имаше забелешки за отчетниот Конгрес на партијата кој не се одржа а на кој требаше да се добијат одговорите но и да се лоцира одговорноста за катастрофалниот пораз на претседателските и парламентарни избори.
Премиерот и лидер на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски пак кажа дека не се меша во внатрепартиските работи на СДСМ и дека посакува тие да бидат конструктивна опозиција во интерес на граѓаните.
„Ние рековме дека нема да се мешаме, не сакаме тоа да им го правиме на другите, што не сакаме нам другите да ни го прават. На Филипче му посакувам успешна работа, да бидат конструктивна опозиција, да работата во интерес на граѓаните и татковината. Јас и во моето експозе во Парламентот кажав дека секогаш станува збор за интересите на Македонија и македонските граѓани, подавам рака а така ќе биде и во иднина. Членството на СДСМ одлучило така, нас не ни преостанува ништо друго освен таа одлука да ја почитуваме“, изјави рече Мицкоски
Од ВМРО – ДПМНЕ пак порачаа дека „Филипче е само чувар на фотељата на Зоран Заев“.
На вчерашните внатрепартиски избори од регистрирани над 23 илјади гласачи, гласаа 12.608 членови или 54 проценти а Филипче освои убедливи 9.052 гласа пред Јован Деспотовски со 2.705 гласа и Александар Бајдевски за кого гласаа 905 регистрирани членови на СДСМ.