Социјалната мрежа Парлер симната од интернет

Амазон се приклучи на Гугл и Епл во забраната на Парлер да постира пораки што охрабруваат насилство

Парлер, социјална мрежа популарна кај конзервативците, отиде офлајн во понеделникот откако нејзиниотсервис-домаќин Амазон го суспендираше за да не дозволи објавување содржини што поттикнуваат насилство.

Пред паѓањето на страницата, извршниот директор на Парлер, Џон Матзе ги обвини Амазон и другите технолошки гиганти за „војна против слободата на говорот“.

Гугл исто така го забрани преземањето на апликацијата за паметни телефони на Парлер во петокот, повикувајќи се на дозволувањето на Парлер да се објавуваат содржини што сакаат да поттикнат насилство во САД.

Епл го забрани Парлер во саботата.

Платформата Парлер постои две години, а во последните месеци забележа зголемување на бројот на корисници, бидејќи гигантите на социјалните мрежи Фејсбук и Твитер го засилија спроведувањето на своите правила за објавите што ги нарушуваат нивните политики.

И Фејсбук и Твитер ги суспендираа профилите на претседателот Доналд Трамп минатата недела откако неговите приврзаници упаднаа во американскиот Капитол.