Пристапниот процес во ЕУ треба да се базира на принципи, а Северна Македонија има направено доволно реформи да го оправда одржувањето на првата Меѓувладина конференција, изјави за Гласот на Америка Метју Палмер, заменик-помошник државен секретар на САД за Европа и Евроазија, нагласувајќи дека билатералниот спор со Бугарија треба да се решава надвор од пристапниот процес.
Тој се надева дека ќе се постигне договор првата Меѓувладина конференција со Северна Македонија да се одржи за време германското претседателство.
„Северна Македонија има направено доволно за да се квалификува за Меѓувладината конференција, и мислам дека мнозинството членки на ЕУ се јасни во тоа. Ќе продолжиме да работиме со нашите европски партнери да се исполни тоа. Ќе направиме се`што можеме да го подготвиме теренот, и ќе продолжиме јавно да ја демонстрираме нашата силна поддршка за придвижување на Северна Македонија кон членството во ЕУ“, рече Палмер.
На прашањето дали барањата на Бугарија ги одразуваат европските вредности, како и дали САД го осудуваат таквото однесување, Палмер рече:
„Разбираме дека има одредени важни прашања кои се однесуваат на историјата, идентитетот и јазикот, кои треба да бидат решени меѓу Бугарија и Северна Македонија како соседи, сојузници и партнери. Во однос на процесот за пристапување во ЕУ, сакаме да видиме тој да продолжи напред, без да ги вклучува билатералните прашања. Би сакале да видиме билатералните прашања да се решваат преку билатерални канали“, изјави тој.
А дали цената за влез во ЕУ треба да биде бришење на историјата?
„Цената за влез во ЕУ е јасна и образложена на околу 80 илјади страници со правила и регулативи. Тоа е процес базиран на стандарди. Сакаме да видиме Северна Македонија да продолжи со реформите кои отворија врата кон Европа. Како што реков, има билатерални проблеми, кои можат и треба да се решат преку билатерален пат. Пристапниот процес кон ЕУ треба да зависи од адресирање на неопходните реформи, кои ќе осигураат Северна Македонија да биде членка на ЕУ“, рече тој.
Според него, за да може да се одржи европската кредибилност во државата, ЕУ треба да покаже оти прогресот во реформите ќе се отслика со отворање на пристапниот процес.
„Во овој момент, следен чекор за Северна Македонија е одржување на Меѓувладината конференција, и тоа е нешто што Северна Македонија јасно го заслужила преку реформи“, вели Палмер.
Тој рече дека не сака да прогнозира каков ќе биде резултатот од состанокот следната недела, но, нагласи дека САД ќе останат партнери низ целиот тој процес со Северна Македонија и Албанија.
„Останете посветени на реформите, демонстрирајте сериозност и цел, и продолжете да се движите напред“, порача Палмер.