Во пренаселената населба во источен Ерусалим Куфр Акаб, Палестинците чуваат пластични резервоари на нивните покриви за складирање на вода.
Бидејќи водата тече низ чешмите само околу три часа неделно, жителите како Надија Ијад често мора да купат вода од приватни добавувачи за да ги наполнат нивните резервоари за 50 долари по еден. Тоа значи дека таа троши близу четвртина од својата месечна плата за купување вода.
„Ако имам пари, купувам вода. Ако не, остануваме без вода. Ги праќам алиштата за перење кај ќерките. Не можам ни да готвам. Навистина е тешко да се живее на овој начин. Надвор е топло, и се потиме. Треба да се туширам, но не можам“, вели Ијад.
Куфр Акаб е палестинска населба што Израел ја припои кон Ерусалим во 1967 година. Но, пред повеќе од 20 години, Израел изгради контроверзна бариера во и околу Западниот Брег, за да ги спречи бомбашите-самоубијци.
Ѕидот го остави Куфр Акаб на палестинската страна и го одвои од остатокот од Ерусалим.
Значи, иако плаќаат градски даноци во Ерусалим, жителите во Куфр Акаб добиваат малку општински услуги, вклучително и вода.
Емад Авад е градоначалник на Куфр Акаб. Вели дека има недостиг на вода насекаде во палестинските квартови на Источен Ерусалим и Западниот Брег. Дури и неговата општинска зграда често е без вода.
„Водата е основна за живот. Тоа е минимум за човекот, да ги има своите права, да има пристоен живот“, вели Авад.
Ова е најлошо што некогаш било, воопшто за цела Палестина и конкретно за Куфр Акаб поради растечкото население.
Портпаролот на израелските власти за контролирање на водата и нејзиниот дистрибутер Мекорот изјави за Гласот на Америка дека, според претходните договори меѓу Израел и Палестинците, Куфр Акаб и другите палестински области на Западниот Брег треба да ја добиваат водата од палестинскиот Водостопанство, кое, пак ја купува од Мекорот.
Тој рече дека Мекорот работи на зголемување на водоснабдувањето, но треба да изгради повеќе инфраструктура.
Но, палестинска управа за водоснабдување смета дека како населба во источен Ерусалим, Куфр Акаб треба да ја добива својата вода од општината Ерусалим.
Палестинските активисти велат дека долго време постои шема на дискриминација во снабдувањето со вода низ Источен Ерусалим и Западниот Брег.
Еврејските населби добиваат повеќе вода отколку им треба, додека палестинските области добиваат многу помалку. Тие велат дека соодносот дури и се зголеми, во корист на Израелците, од почетокот на војната против Хамас минатиот октомври. Еврејските населби имаат вода 24 часа на ден, во споредба со три часа неделно, за палестинските.
„Опкружени сме со две поголеми еврејски населби. На западната страна е Атар, а од источната страна е Кочав Јаков. Тие имаат вода - 24 часа на ден“, вели Ијад Сундука, палестински активист.
Неколку израелски групи за човекови права поднесоа жалба до израелскиот Врховен суд да донесе одлука за достава на повеќе вода за Куфр Акаб. Дури и да успеат, тоа нема да го реши проблемот на Палестинци низ Западен Брег.