Крило на Талебан во Пакистан, денеска потврди дека вториот по ранг човек, Кан Саид Саџна, е меѓу неколкумината милитанти убиени во неодамнешниот напад на американските беспилотни летала во близина на границата со Авганистан.
Според Талебан, нападот се случил на 8-ми февруари во областа Горве во северен Вазиристан.
Се верува дека убиениот командант се криел во Кост и имал врски со мрежата Хакани, обвинета за планирање терористички напади врз локалните и воени сили под водство на САД во Авганистан. Според експертите, елиминацијата на Саџна е голем удар за крилото на Талебан во Пакистан.
Вашингтон издаде потерница по Саџна, за неговата улога во терористичките напади против американски граѓани. По него трагаа и пакистанските власти, обвинувајќи го за планирање големи терористички напади во земјата и организирање бунт во затвор во градот Бану во 2012-та година, при што избегале околу 400 затвореници, вклучително и милитанти од висок профил.