Уапсени 13 осомничени милитанти на ИСИС во Пакистан

Пресретнат телефонски разговор ги поттикнал да спроведат рација неделава против ќелија поврзана со ИСИС во провинцијата Пунџаб.

Официјалните лица за контратероризам во Пакистан изјавија дека уапсиле група од 13 осомничени милитанти коишто раководеле со објект за регрутирање и обука за Исламската држава.

Официјални претставници на Одделот за борба против тероризмот за Гласот на Америка изјавија дека пресретнат телефонски разговор ги поттикнал да спроведат рација неделава против ќелија поврзана со ИСИС во градот Сиалкот, Пунџаб, најнаселена провинција во државата.

Безбедносните сили пронашле „подземен центар за обука и запленето автоматско оружје, опрема за комуникација, материјал за правење бомби, лаптопи, компакт дискови со пропаганден материјал, мапи од бази на пакистанската војска и други објекти“ изјавија официјалните лица кои побараа анонимност.

Сите затвореници, велат тие, се од Пунџаб и деветмина од нив на инспекторите им кажале дека неодамна се вратени од Авганистан кадешто им се приклучиле на борците симпатизери на ИСИС по прекинување на врските со талибанското бунтовништво.

Пакистанскиот весник „Зора“ којшто прв ги објави деталите за рацијата во вторничкото издание, известува дека осомничените признале дека дале заклетва за верност на водачот на ИСИС Абу-Бакр Багдади и планирале големи напади врз пакистанските безбедносни сили.

Во текстот се вели дека еден од приведените, идентификуван како Абу Акаша, овозможил контакт помеѓу осомничените и пакистанскиот државјанин, идентификуван како Абду Муавиа Салфи, кој бил одговорен за пакистанските милитанти во Сирија. Ова лице им помогнал на девет осомничени милитанти да дојдат до Сирија преку Турција, тврди весникот, повикувајќи се на официјални документи.