Звукот на разбојот во минатиот век се слушал речиси во сите рурални краишта на Северна Македонија. Обезбедувањето облека за целото семејство преку ткаење на носии, чорапи, фути, но и предмети за домаќинството како килими и јамболии била исклучиво обврска на жената. Но, стереотипот дека ткаењето на разбој е заборавен занает, го урнаа младите Дамјан Ристовски и неговата пријателка Сара Јакимовска кои во срцето на Скопје го отворија првиот дуќан за народни носии во кој ткаат и на купувачите им продаваат македонски традиционални производи рачно изработени од волнени конци.
„Идејата е од многу одамна односно уште кога бев основно училиште, преку една снимка на Јутјуб гледав како се ткаат пиротските килими во Србија и добив желба да научам јас да ткаам. Мојата баба, која што знаеше да ткае и споделив (со неа) дека сум гледал видео на кое што жените во Пирот ткаат, ја замолив да ми покаже како се ткае. Таа не беше многу расположена да се навраќаме на макотрпниот процес на ткаењето и рече дека знае, меѓутоа дека тоа изумрело, веќе дека никој не ткае и едноставно дека не е во мода сѐ уште да се ткае, тоа било некогаш и завршило и дека денеска никој не ткае и да не се навраќаме на минатото, на традициите. Меѓутоа, јас бев упорен и со мојата упорност допринесов таа да ни ги открие тајните на ткаењето“, вели Дамјан Ристовски, колекционер и ткаач на македонски народни носии.
Ристовски вели дека во нивниот дуќан освен ткаењето носии се изработува и традиционален накит.
„Освен ткаените работи имаме и плетени монистрени алки, монистрени ќустеци, монистрени колани, значи работиме и со монистра. Исто така и откупуваме народни носии, оригинални народни носии, и исто така реставрираме (носии) односно ако е оштетена (носијата), човекот кој што ја поседува носијата има желба да ја возобнови, ние и тоа го вршиме, рече Ристовски.
За Сара Јакимовска, ткаењето народни носии претставува љубов на прв поглед. Прв пат започнала да ткае на 15 години заедно со Дамјан и неговата баба. Таа вели дека најголема побарувачка за народни носии во нивниот дуќан имале од фолклорните друштва.
„Имаме и поединци кои сакаат да имаат делови од народни носии. Имаме побарувачка и од селата како Битуше кои ја задржуваат традицијата и на Водици одржуваат настан, тие се најчесто (купувачите)“, изјави Сара Јакимовска, ткаачка на македонски народни носии.
Јакимовска додава дека нивниот дуќан го отвориле со финансиска поддршка од Агенцијата за вработување, а цените на носиите варираат почнувајќи од 100 евра па нагоре. На прашањето дали ткаењето е тежок занает, таа вели:
„Тешко е. Меѓутоа, со многу напорна работа и љубов сѐ се постигнува“, вели Јакимовска.
Народните носии се едни од најубавите белези на културата, минатото и историјата на народите. Пренесувани од колено на колено, рачно изработени, ткаени и везени, тие се богатство кое треба да се зачува, велат Дамјан и Сара. Примерот со овие млади претприемачи може да направи вистинска разлика во сфаќањата што е она што треба да им се остави на следните генерации.