Остри реакции на албанскиот опозициски блок за укинувањето на балансерот

На нашето постапување и на нашите одлуки треба да гледаат како заштита на Уставот и заштита на правото“, вели Дарко Костадиновски, претседател на Уставниот суд

Опозицијата во албанскиот блок продолжува остро да реагира, а власта се обидува да ја смири политичката ситуација по одлуката на Уставниот суд да го укине балансерот – алатката за вработување во државните институции според етничката припадност.

Позицијата на партиите кои се дел од „Европскиот фронт“, коалицијата предводена од ДУИ, е дека ова претставува укинување на категоријата етничка припадност.

„Врз база на таа одлука се удира на темелите на Охридскиот договор, Уставот и системот да се гради врз основа на тоа што сме, што биле нашите предци и што ќе бидат нашите деца. Се укинува правото на етничка припадност. Ги повикувам САД и ЕУ, како гарант на Охридскиот договор, да интервенираат што побрзо за да се најде решение зада спречиме еден обид како општество да влеземе во една анархија“, вели Зијадин Села од Алијанса за Албанците.

Владата, чии високи претставници не ја коментираат содржината на одлуката, не мисли како опозицијата која пак ја повикува меѓународната заедница да интервенира.

„Правичната застапеност на ентичките заедници е многу важна уставна категорија. Министерството за јавна администрација не ја коментира одлуката на Уставниот суд, исто како и во првиот случај кога беше донесена времена мерка за стопирање на примената на одредени одредби од два закони кои се однесуваат на јавниот сектор и на административните службеници. Така и сега, Министерството не навлегува во содржината на одлуките туку истите ги спроведува и применува“, рече Горан Минчев, министер за јавна администрација.

Your browser doesn’t support HTML5

Нашите одлуки треба да гледаат се како заштита на Уставот, вели Дарко Костадиновски, претседател на Уставниот суд

Од партиите на Албанците кои се дел од владата најавуваат дека балансерот многу брзо ќе биде заменет со ново законско решение.

„Уставниот суд одлучи за 100 дена Влада да ги извади на површина проблемите штотаму седат со години. Тоа се проблеми што треба да се решат. Етничката припадност е уставна категорија, па затоа треба да има и нов закон. Законот е готов од наша страна, сега очекуваме мислења од меѓународни експерти и од Европската комисија. Се надевам дека набргу ќе го процесуираме законот во Парламентот“, вели Арбен Таравари од коалицијата „Вреди“.

Дел од владините коалициски партнери имаат поинаква позиција – да не се брза и по секоја цена да се носи нов закон без претходна широка дебата.

„Не треба да се брза со содржината на евентуално ново решение. Мислам дека е подобро да се отвори широка и јавна дебата, во која што би се вклучиле сите заинтересирани страни, тука мислам на делот од владината коалиција, но исто така добра можност е да се повика и експертската и академската заедница со цел да се најде соодветно решение кое што ќе биде долгорочно, ќе биде солидно, ќе биде содржајно, и нема повторно да не доведе во ситуација на евентуална ваква одлука од страна на Уставниот суд“, вели Минчев.

Судот вчера укина делови од одредби на Законот за вработените во јавниот сектор, Законот за административни службеници, Методологијата за планирање на вработувањата во јавниот сектор што ги содржат зборовите „припадност на заедница“.

„Манипулација е и дека судот со своето постапување по овој и кој било друг предмет може да ги наруши политичките или етничките односи или да биде повод за дестабилизација. Секој, вклучително и политичарите треба да ги почитуваат одлуките на судот, не да ги политизираат или да ги етнизираат. На нашето постапување и на нашите одлуки треба да гледаат како заштита на Уставот и заштита на правото“, вели Дарко Костадиновски, претседател на Уставниот суд.

Ставот на Брисел, наведен и во последниот извештај на ЕК за земјава, е дека „останува загриженоста за процентите искористени во формулата на `балансерот` зашто, како што се наведува во документот, ревидираната формула за етничката припадност ги вклучува и граѓаните кои не живеат во државата и не го зема предвид процентот на оние кои не ја изјасниле својата етничката припадност при последниот попис.“