Осомничениот Луиџи Манџоне се врати во Њујорк да се соочи со обвиненијата за убиство

Луиџи Манџоне заминува во судот на округот Блер во Пенсилванија, 19 декември 2024 година

Осомничениот за убиството на извршниот директор на „Јунајтедхелткер“ се врати во Њујорк за да се соочи со обвиненијата за убиство, откако се согласи да биде екстрадиран денес за време на судско сослушување во Пенсилванија, каде што беше уапсен минатата недела по пет дена бегство.

Луиџи Манџоне се откажа од прелиминарното сослушување за обвиненијата од Пенсилванија, а во замена обвинителот му даде истражен извештај од 20 страници од полицискиот оддел во Алтуна.

Манџоне, исто така, се согласи за екстрадицијата во Њујорк.

Судијата на округот Блер Дејвид Консиљо нареди Манџоне да биде предаден на полициската управа во Њујорк.

Најмалку десетина униформирани службеници на њујоршката полиција беа во судницата со 26-годишниот обвинет за заседа и пукање во Брајан Томпсон на 4 декември пред хотел на Менхетн, каде што шефот на најголемата здравствена осигурителна компанија во САД бил на конференција на инвеститори.

Властите соопштија дека Манџоне го носел пиштолот што се користел за убиството на Томпсон, пасош, лажни лични карти и околу 10.000 долари кога бил уапсен на 9 декември додека појадувал во „Мекдоналдс“ во Алтуна, Пенсилванија.

Манџоне беше уапсен на 9 декември кога полицијата беше повикана во ресторанот на „Мекдоналдс“ откако било пријавено дека лице одговара на описот на убиецот на Томпсон.

Пукањето на Томпсон беше снимено на безбедносно видео, но осомничениот ја избегна полицијата пред да биде фатен на 446 километри западно од Њујорк.

Манџоне, дипломиран студент по компјутерски науки и од угледно семејство, носел рачно напишано писмо во кое компаниите за здравствено осигурување ги нарекува „паразитски“ и се жалел на корпоративна алчност, според полицискиот билтен до кој дојде Асошиетед прес минатата недела.