Османи ѝ порача на новата влада да има конструктивен, а не кавгаџиски однос кон Грција

Бујар Османи

„Кажете, ние не сме го изгласале, ние сме биле против, го гласале овие предавниците, ние мора да го почитуваме, тоа е фер однос кон државата“, рече министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

Тоа е пораката на шефот на дипломатијата во заминување до идната влада во однос на Преспанскиот договор, прашање кое доби на актуелност откако новите власти најавија дека вербално нема да го користат уставното име на земјава со што ја испоровоцираа официјална Атина.

Your browser doesn’t support HTML5

Османи: Изборите се завршени, нема потреба од „ловење“ гласови

Токму затоа денешното присуство на врвот на грчката дипломатија - министерот Герапетритис и неговата заменичка Пападопулу, на Самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа во Скопје со кој се означи и крајот на претседавањето на Северна Македонија со оваа иницијатива привлече големо медиумско внимание.

Но, изјави немаше од грчката страна. На новинарските прашања за ситуацијата во односите меѓу двете земји и дали таа може да ескалира до ново вето, одговараше Бујар Османи кој се сретна со Пападопулу, а телефонски разговараше со Герапетритис.

Бујар Османи

„Не, двете страни изразија надеж дека ќе се почитуваат обврските, а и последните изјави од мандатарот даваат надеж дека нема да се оди до таму. Не би сакал да прејудицирам, еве ќе чекаме една недела, според највите не очекувам такво нешто, секако не е објаснување дека вербално ќе се користи друго име, а пишано друго име, нема такво објаснување, очекувам дека тоа е само транзиција за да се подготви јавноста. Ние охрабруваме да се почитува Преспанскиот договор. Немаат одговорност зашто не го гласале, не го поддржале договорот, но имаат обврска да го почитуваат и тоа е државнички однос“, рече Османи.

Вели дека изборите се завршени, дека веќе нема потреба од „ловење“ на гласови и дека сега треба да настапи конструктивна, а не кавгаџиска дипломатија. Османи не мисли дека трите меморандуми кои се уште се заглавени во грчкиот парламент се основа да се тврди дека Атина ништо не спровела од обрските преземени со Преспанскиот договор.

„Столбот на грчките обврски од Преспанскиот договор е поддршка за НАТО-интеграцијата и за европската интеграција. Република Северна Македонија денеска е членка на НАТО затоа што Грција ја исполни својата обврска од Преспанскиот договор. Грција е една од поголемите лобист за наше членство во ЕУ, тоа е суштината на грчката оврска со Преспанскиот договор, протоколите се нешто што се оставени на парламентот како што се оставени во нашиот законот за МАНУ, законот за МРТВ...“, додаде Османи.

Преспански договор

Поранешните премиери Ципрас и заев кои беа клучни фигури за Преспанскиот договор во 2018 година во заедничка колумна за „Еуроактив“ ги повикаа Европската Унија и меѓународната заедница јасно да стават до знаење дека почитувањето на Преспанскиот договор е единствениот пат на земјава до пристапниот процес во ЕУ, претпристапната поддршка и економската мобилизација.