Орце Симов, Сојуз на стопански комори: За биткоинот се предвидува цена и до милион долари, државата да е поотворена кон новите технологии

Во Македонија може да се отворат компании што ќе се занимаваат со таа дејност (трговија со криптовалути, н.з.) и така ќе се генерираат приходи и во државата, укажува Орце Симов, професор на Меѓународен славјански универзитет. Интервју за Глас на Америка.

Во Македонија малку сме конзервативни и ригидни кога се работи за нови технологии, вели Орце Симов, потпретседател на Сојузот на стопанските комори на Македонија во разговор на тема „Криптовалути“. Вели дека има предвидувања биткоинот за пет години да достигне вредност и до еден милион долари

„САД имаат над 207.000 биткоини како резерва, Кина има 194.000 биткоини, Велика Британија има 61.000 биткоинио, Ел Салвадор има 5.980 биткоини. Значи, земји, чуваат одредени резерви во биткоини“, посочува Орце Симов, професор по информатички технологии на Меѓународниот славјански универзитет и потпретседател на Сојузот на стопанските комори на Македонија.

Симов укажува дека македонското општество не треба да стои настрана од случувањата со новите технологии, вклучително и со криптовалутите.

Your browser doesn’t support HTML5

Интервју со Орце Симов, Сојуз на стопански комори: Биткоинот не зависи ниту од политика, ниту од влада, вредноста ќе му расте

Треба да бидеме многу поотворени и да ги прифаќаме новите технологии кога се во нагорна линија
Орце Симов

„Во Македонија малку сме конзервативни и ригидни кога се работи за нови технологии. Треба да бидеме многу поотворени кон тоа, многу полесно да ги прифаќаме новите технологии, да ги прифаќаме кога се во нагорна линија, во раст, а не кога ќе влезат во сатурација или во опаѓање поради тоа што се сменети со нови технологии“, укажува Симов, кој е и претседател на Комората за информатичко-комуникациски технологии

Симов посочува дека е потребно да се озакони постоењето и на таканаречените менувачници за тргување со криптовалутите.

Цената на биткоинот неодамна ја надмина и психолошката граница од 100.000 долари

„Ние како земја во однос на тоа немаме никаква реакција. Нема закон што го признава, нема закон што го забранува. Едноставно останува во некоја недефинирана зона што не спречува да се работи. Меѓутоа, ако законски се дефинира дека тоа и тоа може да се прави, тогаш во Македонија може да се отворат компании што ќе се занимаваат со таа дејност и врз база на тоа ќе се вработат и луѓе. Така ќе се генерираат и одредени приходи и во буџетот и во државата“, смета Симов.

Цената на биткоинот, пак, не ја поврзува со актуелните глобални политички случувања, ниту, пак со влијанија од држави и банки.

Никој не може да направи инфлација на биткоинот, тој е дефлаторен, не зависи од политика, вели Симов

„Никој не може да направи инфлација, тоа е дефлаторно. Може да се пресмета колку ќе има во оптек. Не зависи од политика. Зависи од математички модел што е дефиниран 2008-2009 година. Врз база на него е направен тој биткоин и работите се предвидливи. Не зависи од влада, не зависи од политика, не зависи од какви било одлуки на коишто може да влијае човекот“, категоричен е професорот Симов.

Понудата ќе опаѓа, побарувачката ќе расте, остануваат за издавање уште 1,2 милиони биткоини

Како што објаснува, бројот на биткоините на глобално ниво е ограничен, а побарувачката е сè поголема.

„Понудата ќе опаѓа и во моментот имаме во оптек нешто помалку од 19,8 милиони биткоини коишто досега се издадени. Остануваат значи за издавање, до 2140 година, уште 1,2 милиони биткоини. Треба да земеме во предвид дека, според проценки, околу 4 до 5 милиони биткоини се изгубени. Значи, ако го земеме тоа во предвид, ќе имаме вкупно само околу 15-16 милиони биткоини во оптек. Бројот на луѓето на планетата е многу поголем. Не може секој да поседува“, посочува Симов.

Пазарот со криптовалутите значително се раздвижи после победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД

Проекциите за цената, пак, се пресметуваат во големи бројки.

Според предвидувања, цената на биткоинот до 2030 година ќе порасне и до еден милион долари
Орце Симов

„Има некои предвидувања што велат дека, доколку не се случат некои непредвидени работи, цената на биткоинот до 2030 година ќе порасне и до еден милион долари“, посочува професорот.

Сепак, нашиот соговорник, предупредува, не избрзувајте.

„Граѓаните не треба да прифаќаат брзи заработки. Некој може да им понуди, ‘се појави таква и таква можност, опција’. ‘Ние ќе тргуваме со вашите крипто средства. Ви овозможуваме огромни заработки коишто се движат и со 20-30 проценти на дневно ниво’. Или, се ветува дека има нов финансиски инструмент, нова криптовалута што ќе овозможи огромен раст. Едноставно не треба да се пристапува и да не се прифаќаат такви предлози“, укажува Симов.

Граѓаните не треба да прифаќаат примамливи понуди за брзи заработки, не е финансиски разумно сите средства да се вложат во еден инструмент, советува Орце Симов

За крај и еден инвестициски совет:

„Не било финансиски паметно, за сè што заработил некој човек, да го чува само во одреден инструмент. Тоа би требало да се диверзифицира. Може да се чуваат, може да има нешто недвижен имот, може да има акции на берза. Но, не е лошо да се има и нешто во форма на криптовалути и биткоини“, советува професорот и потпретседател на Сојузот на стопанските комори на Македонија, Орце Симов во разговорот за Гласот на Америка.