Охридски ученици најдобри во светот на натпревар на фондацијата Оракл

  • Сашо Митан

Владо Војданоски

Владо Војданоски, Ангела Јорданоска, Моника Донеска и Ангела Петреска го освоија првото место за проект за штедење енергија.
Владо Војданоски, Ангела Јорданоска, Моника Донеска и Ангела Петреска се ученици во ОУ „ Братство Единство“ во Охрид. Под менторство на професорката Марија Пупиноска - Гогова со проектот „Заштеди енергија“ учествуваа на натпреварот на најголемиот образовен портал ТинкКвест од фондацијата Оракл.

Во конкуренција на 5.600 училишта и проекти, учениците од ОУ „Братство Единство“ од Охрид го освоија првото место.

„Проектот го насловивме „Промени ги навиките - штеди енергија“. Ги вклучивме сите ученици на училиштето. Работевме на кревање на свеста кај сите ученици и вработените во нашето училиште и во средината во која живееме за заштеда на електричната енергија. Активностите што ги презедовме беа разговори со експерти, интервјуа со ученици, изработување на материјали за три целни групи. Тука беа вклучени и децата со посебни потреби за кои беа изработени со посебни квизови и игри“, вели професорката Марија Пупиноска - Гогова.

Младиот Владо Војданоски е горд на наградата. Тој кажа дека наградата е успех за него и за училиштето, но и за градот.

„ Ова ќе биде поттик за другите генерации“, вели Војданоски, оддавајќи и` признание на наставничката Марија која им кажала за проектот.

Како награда училиштето ќе добие донација од 5.000 долари, а учениците кои учествуваа во проектот заедно со наставничката ќе добијат по еден лаптоп во вредност од 1.500 долари, а од 6 до 11 октомври годинава ќе учествуваат на настанот „ТинкКвест во живо 2012“ во Сан Франциско каде ќе го претстават својот проект за штедење енергија без вложување на големи финансиски средства.