Застанати во редици, на строго утврдени места, сите со маски, учениците од прво до трето одделение од основното училиште „Свети Климент Охридски“ во Охрид го почнаа училишниот ден.
На влез во училиштето, на секој од нив им се мереше температура. Нито едно дете немаше темепратура повисока од 37,4 степени, максимално утврдената граница до која секој ученик може да ја следи наставата.
„На почетокот стравуваме за почетокот на наставата, но, како што одиме секој ден, се` се одвива според пропишаните законски протоколи. Ситуацијата овде е сосема безбедна. Учениците се згрижени и заштитени“, вели Наташа Танеска, директорка на училиштето „ Св Климент Охридски“.
Еден клас сега е поделен на две групи, кои следат настава во различен период од денот. За наставничката Валентина Кузманоска, ова е прв ваков предизвик за 32 години работа со деца. Вели дека е тешко да се одржува настава, речиси три часа под маски.
„Дечињата ја прифатија ситуацијата. Тие веќе неколку месеци живеат со тоа. Максимално се дисциплинирани. Но, сепак и нам ни претставува потешкотија. Иако часовите се скратени на 30 минути, потребно е максимално вложување на наставникот, бидејќи со самото влегување во училница ние сме постојано со децата“, вели Кузманоска.
На некои места пак, учениците и родителите ја бојкотираат онлајн наставата, барајќи настава со физичко присуство. Во Струга и во други градови се одржаа и протести на средношколците. Бараат да се вратат во училишните клупи. Дотогаш велат дека ќе бојкотираат.
„Не може секој родител, ако има две или три деца, да купи два или три компујтери. Ние не се согласуваме се` додека има онлајн наставата. Нашето училиште ги исполнува сите услови за физичко присуство“, вели Дурмиши Шќелќим, родител од село Корошишта.
Ќани Јусуфи, ученик во средно училиште во Струга бара да седи во училишните клупи и да се дружи со врсниците.
„Не се плашиме да кажеме стоп на она што не го сакаме. Ние бојкотираме“, вели тој.
Во најголем дел од поголемите училиштата, настава со физичко присуство се одвива само до третто одделение. Останатите истата ја следат онлајн. Некаде се жалат дека не располагаат со соодветни услови за таква настава.
„Во моето училиште јас немам интернет. Бидејќи немаме интернет, наставниците не можат да одржат онлајн настава. За жал имам голем број наставници кои немаат лаптоп“, рече Зини Јусуфи, раководител на училиште во село Корошишта.
Властите ги повикуваат сите ученици да се приклучат во образовниот процес, и да ги почитуваат мерките и одлуките на Владата.
Според нив 80 отсто од учениците успешно се приклучиле кон онлајн наставата за една недела.