23 Октомври – Ден на македонската револуционерна борба

На овој датум во далечната 1893 година во Солун е формирана Внатрешно Македонско-Одринска Револуционерна Организација (ВМОРО). (Фотографија: Почесна стража, национална гарда)

Премиерот Христијан Мицкоски најави иницијатива која треба да биде преточена во стратегија на државата до 2050 година а во која ќе се дефинираат националните приоритети. Владата, како што рече Мицкоски, ќе се обиде да го договори овој проект со МАНУ и со универзитетската заедница

СКОПЈЕ – Северна Македонија денес го слави државниот празник „23 Октомври – Ден на македонската револуционерна борба“. На овој датум во далечната 1893 година во Солун е формирана Внатрешно Македонско-Одринска Револуционерна Организација (ВМОРО). Основачкиот состанок се одржува во куќата – книжарница на Иван Хаџи Николов а присутни се и Христо Татарчев, Даме Груев, Христо Батанџиев, Петар Поп Арсов и Антон Димитров.

Претседателката Гордана Сиљановска им го честиташе на граѓаните 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба и порача дека државата не ни е подарена и дека треба да се грижиме и да ја чуваме бидејќи друга немаме.

„Идејата-водилка на основачите на Македонската револуционерна организација, коишто пред 131 година визионерски зачекорија по трнливиот пат кон политичка автономија, еволуираше и се доградуваше низ годините. Резултатот е самостојна македонска држава исправена пред нови предизвици. Прославувајќи го Денот на македонската револуционерна борба, да се потсетиме на сите знајни и незнајни херои и на нивните идеали, убедувања и жртви. Денес, кога го живееме нивниот сон, да не заборавиме дека државноста е тешко стекната, дека не ни е подарена и треба да се брани со демократски инструменти, наместо со оружје, како некогаш. Затоа, да се грижиме за татковината и да си ја чуваме, оти друга немаме!“, стои во официјалната честитка на претседателката Сиљановска-Давкова.

Претседателот на Собранието Африм Гаши во својата честитка нагласи дека значајните датуми од историјата на нашите народи се наш потсетник дека треба да дејствуваме сплотено во градење современа и просперитетна држава.

„Со формирањето на Македонската револуционерна организација во 1893 година, се создадени основите на организираната борба за слобода и за независност. Континуираната борба и непокор низ децениите што следеа резултираше со создавање држава, во која денешните генерации ги живеат плодовите на самостојноста и на демократијата. Денешната генерација во нашата држава се соочува со поинакви искушенија и е исправена пред други цели. Наша стратешка цел сега е полноправното членството во ЕУ и понатамошното етаблирање во НАТО како рамноправна земја – членка. Предизвик за нашата генерација е постојано да ги унапредуваме демократските процеси, стандардите во здравството, образованието и во науката, владеењето на правото, економските и социјални текови и рамноправноста меѓу граѓаните, без разлика на национална, верска, родова или политичка припадност“, порача спикерот Гаши.

Премиерот Христијан Мицкоски пак во својата честитка потенцираше дека не треба да се губи времето на поделби и прашања кои не разединуваат, туку посветено да се работи за подобар живот и да се создаде општество на можности и почит. Тој имаше и свое обраќање на свечената академија по повод Денот на македонската револуционерна борба која се одржа во Музјеот на македонската борба за самостојност под слоганот „Завет кој обврзува“.

Мицкоски најави иницијативата за нов и сериозен проект, кој ќе биде преточен во стратегија на државата до 2050 година, во која ќе се дефинираат националните приоритети. Владата, како што рече Мицкоски, ќе се обиде да го договори овој проект со Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) и со универзитетската заедница.

„На македонското прашање му е потребна енергија. И сметам дека денес дојде денот да отпочнеме еден сериозен проект. На овој ден сакам да иницирам еден проект кој Владата ќе проба да го договори со МАНУ и со универзитетската заедница, проект кој ќе биде сеопфатен и преточен во стратегија на државата до 2050-та година, со кој ќе се дефинираат приоритетите на развој на државата, демографските предизвици, економските цели, и како да се стигне до нив, земјоделски, технолошки развој, енергетски и транспортен развој. Сеопфатна стратегија која ќе ја дефинира новата парадигма на современата држава. Ќе побарам широк партиски консензус за прифаќање на таа стратегија. На државата тоа и недостасуваше со години. МАНУ и научните умови беа маргинализирани и насочени само кон своите проекти и научни цели, но мора да се вклучат и да помогнат во развојот и во поставување на нејзините цели и приоритети. И сега знам дека во јавноста ќе почне да зборува за ваква или таква академија, па заради тоа го кажувам сето ова. Науката, целите и стратегијата не треба да се етнизираат. На граѓаните им е потребна им е стратегија и преку глава им е од водење на државата ден за ден“, кажа премиерот Мицкоски во своето обраќање.

Тој кажа дека е потребна соработка меѓу политичките чинители во државата бидејќи времето повеќе не работи за државата и граѓаните.