„Изминатите неколку години се случија неколку посериозни инциденти во внатрешноста на здравствените институции, каде беа нападнати доктори, медицински сестри и друг медицински персонал. Тоа е појава која загрижува“, вели Никола Бакрачески, лекар-кардиолог.
Своето искуство го раскажува и Илми Речи, лекар хирург од Струга.
„Околу 4 и 30 часот наутро бевме нападнати во хируршката амбуланта од страна на хулигани. Човекот влезе и без никаква консултација влезе внатре во одделението. Јас се борев со него и мораше да се заштитам“, вели Речи.
Your browser doesn’t support HTML5
Ова се изјавите на лекари кои посочуваат на загрижувачка појава што особено излезе на виделина по убиството на 67- годишен лекар од Скопје, што ја разбранува јавноста. Дека ова не е осамен случај зборува и податокот што го добивме од општата болница во Струга, каде на нивното работно место биле нападнати лекар, хирург и медицински сестри.
Се плашиме затоа што и во иднина можеме да има вакви проблеми, па навистина треба да се преземе нештоИлми Речи, хирург
Медицинскиот персонал вели дека не се чувствува безбеден, особено во ноќните часови.
„Се плашиме затоа што и во иднина можеме да има вакви проблеми, па навистина треба да се преземе нешто“, додава хирургот Речи.
„Постојано се наоѓаме под некој притисок, се повлекуваме многу пати. Мораш разумно да постапиш кон луѓето, затоа што се многу нервозни, агресивни. Добро е да имаме луѓе кои ќе се грижат за редот“, вели Златко Лазаревски, хирург.
Анкета спроведена од Лекарската комора пред две години, покажа дека 78 проценти од лекарите пријавиле дека биле изложени на некаков вид насилство на работното место. Од нив, 80 отсто биле мета на вербално насилство, додека 6,8 отсто доживеале физичко насилство. Речиси 70 проценти од нападите воопшто не биле пријавени.
Бакрачески смета дека ваквата појава се должи на „општествено-политичката стигматизација кон здравствените работници“ која наводно била спроведувана изминатите неколку години.
Бевме сведоци на случки каде здравствените работници се поставуваа на ѕидот на срамот во јавностаНикола Бакрачески, кардиолог
„Чесно е да признаеме дека се водеше една кампања против докторите и здравствениот персонал. Бевме сведоци на случки каде здравствените работници се поставуваа на ѕидот на срамот во јавноста, па проверка на отсутност и присутност, на будност на докторите навечер. И тоа влијае на јавноста и на оние кои што ги гледаат тие анти кампањи“, вели Бакрачески.
Од Лекарската комора велат дека насилството врз здравствени работници добива на интензитет и оти за негово сузбивање се потребни системски решенија што ќе бидат имплементирани на национално ниво и на ниво на здравствени установи.
„Јас ги разбирам и пациентите, дека дел од нив се незадоволни од квалитетот на услугите кои ги добиваат, но ако направиме споредба на квалитетот на македонското здравство со сите оние слабости кои ги има македонското здравство, за ова ниво на општествен и економски развој кој го има државата, ова здравство се` уште пружа задоволителни услуги“, додава Бакрачески.
На иницијатива на Лекарската комора во 2023 година беа направени измени на Кривичниот законик со што насилството врз здравствените работници се смета за насилство спрема службени лица и претставува кривично дело, за кое е предвидена казна затвор. Не е јасно колку тоа се применува и колку такви случаи се пријавено откако измените се во сила. Многу од случаите лекарите не ги пријавуваат кај нив. Затоа велат немаат точни податоци за бројот на напади, после измените, бидејќи други институции биле надлежни за постапување и расветлување на овие случаи.
Оваа година до Комората биле пристигнати три пријави за насилство, иако бројот е поголем. Со МВР и Основното јавно обвинителство биле реализирани средби на кои алармирале за овој проблем и се разгледувани можностите за креирање и на други систематски решенија за негово надминување.