Се отстрануваат платформите изградени во водите на Охридското езеро

Од Општина Охрид велат дека повеќе нема да биде толерирано нелегално работење и остварување на бизнис интереси на поединечни фирми

Со отстранување на платформите изградени во водите на Охридското езеро, продолжи акцијата на Општина Охрид за расчистување на охридското крајбрежје, но сега во делот на градот. Ќе се отстрануваат сите нелегални градби и останата опрема кои се наоѓаат во вода, односно во заштитениот појас на езерото. Акцијата се спроведува под силно полициско обезбедување.

Досегашните закупци се револтирани, бидејќи велат дека ова што сега се прави се случува пред стартот на туристичката сезона и оти на овој начин без работа ќе останат голем број луѓе.

„Сите нелегални градби кои претставуваат опасност за регионот и се во спротивност на режимите на заштита ќе бидат отстранети и нема да има никаква селективност во постапките“, велат од Општина Охрид.

„Во 2007-ма година ни дадоа проект како да изгледа плажата. Од тогаш до денес не е поместена ниту лево ниту десно. Плажата е по сите можни проекти и по сите дозволи од државата и општината. Ако им пречи платформата на УНЕСКО, ќе ја отстраниме. Но, за жал немаше никакво известување, никој ниту дојде да праша што се случува. Ние се обидовме да бидеме светла точка во угостителството. Досега сме работеле како што треба“, изјави менаџерот на плажата Куба Либре, Марјан Маловчев.

„Штетата не е изолирана само на фирмите кои обавуваат дејност тука. Се проширува и на пошироко ниво, трпи целиот туристички сектор во Охрид. Сето тоа се одразува и на економски план. Многу работни места ќе бидат изгубени”, рече адвокатот Михаил Кичеец.

Од Општина Охрид велат дека повеќе нема да биде толерирано нелегално работење и остварување на бизнис интереси на поединечни фирми, кои без договори за концесија и надвор од сите законски процедури граделе објекти и узурпирале државно земјиште, со што нанеле значителни штети во строго заштитената зона на езерото. Додаваат дека остануваат посветени на исполнување на препораките на УНЕСКО и одредбите од Планот за управување со светското природно и културно наследство на охридскиот регион.

На сите досегашни концесионери според општината им се истечени договорите за работа уште од 2017-та година и оти изминатите години работеле на диво.