Кој ќе ги плати штетите во Охрид?

Your browser doesn’t support HTML5

Невремето кое го зафати Охрид изминатава пролет, предизвика штети кои се проценуваат на околу половина милион евра

На почетокот на туристичката сезона, охридските угостители се` уште ги санираат штетите од големото невреме кое го зафати Охрид изминатава пролет.

Зголеменото ниво на Охридското Езеро, високите бранови и силниот ветер, најмногу проблеми направија на објектите покрај самиот брег.

Куќата на Димитар Зарчев е веднаш до езерото. Тој вели дека со сопствени средства го санирал уништеното.

„Терасата беше оштетена, непријатно чувство. Беше како да се чувствува немоќ“, изјави Зарчев.

„Беше многу страшно“, вели Наум Каневчев, кој вакво невреме не памети од 1963-та година.

„Брановите доаѓаа до самата куќа. Таа се тресеше од ударите. Сите куќи на крајбрежјето беа со некаков вид штета“.

Штети претрпеа и хотелите и охридските плажи.

„Плажата е целосно оштетена. Наместо да изградиме нешто ново, ние моравме да санираме нешто за што немаше потреба. Штетата само на оваа плажа е повеќе од 15.000 евра. Платформата повторно ја градиме и таа ќе чини околу 4.000 евра“, рече Горан Стефановски, вработен на плажата.

Во меѓувреме, локалната Комисија за проценка на штети, по пристигнатите 125 барања за обештетувања ја утврдуваше состојбата на терен. Но, овде застануваат ингеренциите на општината. Крајниот збор за тоа дали, и во колкав процент охриѓани финансиски ќе бидат обештетени, треба да го каже владата на Македонија.

„Како комисија сметаме дека проценетата штета ќе биде околу 30 милиони денари. Состојбата беше загрижувачка по целото крабрежје на Охридското Езеро“, изјави претседателот на комисијата, Раде Вељановски.

Беа уништени и делови од пристаништето и градскиот кеј. Штети претрпе и канализациониот систем, а колекторот беше во целосен колапс.