Кубански танци - нова зумба во Охрид

Your browser doesn’t support HTML5

Организаторите на третиот кубански танцов фестивал „Хола Охрид“, велат дека танцувањето ги зближува луѓето

Охрид деновиве пулсираше во ритамот на кубанската музика. Повеќе од 300 учесници од Македонија и други европски држави, танцуваа и ги совладуваа тајните на овие латиноамерикански танци, за кои се` повеќе има интерес.

Организаторите на третиот кубански танцов фестивал „Хола Охрид“, велат дека танците ги зближуваат луѓето.

„Сфативме која е енергијата и убавината на овие танци, каква блискост и дружење им дава на луѓето. Се раѓаат пријателства. Кубанските танци се наречени социјални танци, бидејќи се наменети за секој што може да ги танцува“, вели организаторката Нина Лекоска.

И организаторот Димитар Мишев се согласува дека се` повеќе се шири кубанска култура.

„Пред десет години бевме 30-тина луѓе што игравме, а сега сме 400-500 луѓе кои играме кубански танци во Македонија“, вели Мишев.

Тој на нив гледа како на спорт - ги вежбаш и совладуваш кораците, и стануваш се` подобар.

Некои од учесниците на Школата танцуваат и по неколку години.

„Најтешкиот дел за мене во кубанските танци се разбирањето на ритамот и музиката“, изјави Оливија, танчерка на кубански танци од Полска.

Ангела Попова, танчерка на кубански танци од Македонија има сон да оди во Куба.

„Животот ми се промени кога почнав да танцувам. Сонувам да одам во Куба и да видам како тоа се случува на самото место, односно како танцуваат Кубанците. Да ја почувствувам вистинската магија“, рече Попова.

Барбара и Орлијандис беа едни од четворицата инструктури од Куба, кои поминаа илјадници километри, за да дојдат во Охрид, и да ги пренесат тајните на кубанскиот танц.

„Многу сум изнадена колку е убаво овде, и како луѓето ги танцуваат кубанските танци. Кубанската култура и кубанскиот стил на живот е многу убав, и затоа препорачувам сите да се вклучат во овие танци“, вели Барбара, инструкторка од Куба.

Инструкторот Орлијандис од Куба, пак, вели дека се чувствува како да е дома.

Тој вели дека за да се научат основните чекори на овие танци, потребно е околу една година.