Иницијативниот одбор за спас на туристичките агенции бара од државата субвенции за исплата на минимални плати

Your browser doesn’t support HTML5

По речиси десетгодишна работа, Драгана Ристевска, сопственичка на туристичка агенција во Охрид, била принудена да стави клуч на врата и егзистенцијата да ја бара надвор од државата. Коронакризата најмногу го погоди туристичкиот сектор, а меѓу први на удар беа токму туристичките агенции.

„Затворањето на канцеларијата е чекор кој го презедов заради заштита од понатамошни дополнителни трошоци и сметки. Работа немаме. Приходот е нула веќе седум месеци, пропаднати се договорите со странски гости за оваа сезона. Никој не патува и нема смисла во тој случај да ја држам канцеларијата отворена, а да немам никаква работа“, вели Ристевска.

Голем дел од македонските агенции имаат закупени вили и апартмани, особено во Грција. Поради забраната за патување и кај јужниот сосед, иладници аранжмани пропаднаа, а со тоа и предвидените добивки не се остварија. Пропаднаа и најголем дел од аранжманите за останатите дестинации. Поради тоа, постои страв дека добар дел од агенциите наесен да бидат принудени да затворат.

„Станува збор за оние агенции кои имаат закупено голем број на седишта и капацитети за одмарање во Турција или Албанија.Тие пари се неповратни. Имаат инвестирано, а заработка немаат направено. И тие не можат да дочекаат до следната 2021 година да можат да реализираат нешто. И ова е голем удар за туризмот. Да кажам дека некои 30 отсто од агенциите ќе затворат“, вели Шпејтим Шаќири, сопственик на туристичка агенција.

Владо Суклоски, сопственик на туристичка агенција вели дека ако за Нова година и за католички Божиќ Охрид е празен ќе биде многу тешко да можат туристичките агенции со сите давачки да издржат.

„Има туристички агенции со поголем број на вработени, има некои што имаат земено и кредити за да направат закуп на туристички дестинации надвор од Охрид“, вели Суклоски.

Од Иницијативниот одбор за спас велат дека е неопходна итна државна помош бројот на агенции кои би затвориле да не биде голем. Бараат субвенции за исплата на минимални плати, со 100 отсто платени придонеси до 2021 година. Очекуваат дека новата Влада ќе одговори на нивните барања, кои уште од поодамна ги имале доставено.

„И ние мораме да ги вратиме средствата на патниците или да постоиме за нивно реализирање, заклучно со 31 декември 2021 година. Некои агенции, бидеќи треба да плаќаат плати, кирии и трошоци, не можат да опстанат во овој период, и затоа ги префрлаат ваучерите на други агенции кои ќе продолжат да рабoтат, или ги враќаат средствата на странките, се` со цел да се затвори, бидеќи не знаеме до кога ќе трае сето ова за да може да го издржиме“, вели Ана Марија Алексова од Иницијативниот одбор за спас на туристичките агенции.

Единствено кои можат да го прежиеват овој период се оние кои имале реализирано закупи за Турција, иако и тој број е мал, вели Алексова.

„Сега кога и летото не може да издржиме и да работиме за да се покриеме, што би правеле зимата. Не дека би сакале, но, сите би биле принудени да дојдеме до тој момент, секој ќе си бара нова опција, нова работа“, вели Алексова.

Во Македонија има околу 300 туристички агенции со околу 5.000 туристички работници.