Културата и духовната зрелост на еден народ се оценуваат по тоа дали сме свесни за минатото и дали го чуваме во нашето колективно паметење. Ако го правиме тоа тогаш сме достојни за наследството на нашите претходници, беше речено на денешното свечено отварање на втората Светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог што се одржува во Охрид.
„Животот е културен натпревар, но не мора да се убиваме или да се поробуваме наметнувајќи ги нашите култури, цивилизации и религии над сите останати. Наместо тоа, кога имаме отворен дијалог помеѓу нас и кога меѓусебно подобро ќе се запознаеме, кога го почитуваме и љубиме другиот како личност, тогаш воочуваме дека нашите разлики почнуваат да бледнеат и ги откриваме нашите заеднички црти“, истакна на отварањето премиерот на Република Македедонија, Никола Груевски.
За Министерката за култура на Република Македонија, Елизабета Канчевска - Милеска културната и религиската разноликост на Македонија претставува извор на голем креативен потенцијал и мост на взаемно разбирање почит и соживот.
„Не случајно, нашата држава беше домаќин на Првата светска конференција преку која покажавме дека само со размена на мислења може да стане една динамична област во која луѓето повторно ќе го откријат стимулативното богатство на различностите, културната размена и соработката“, рече Канчевска - Милеска.
Архиепископот на МПЦ, г.г. Стефан рече дека содржински најбогатата култура е културата на македонскиот народ, култура, која со своето полнолетство, зрелост и уникатност ја доживува во повеќе периоди.
„Културата на секој народ извира од неговиот религиозен вруток и истата е моќна додека себеси се исполнува со продуховени теми и се потпира на духовните сремежи на својот на род“, кажа господин господин Стефан.
Претседателот на Исламската верска заедница во Македонија, Реиз Ул Улема Сулејман изрази убедување дека со размената на искуствата и почитта кон другите ќе се испрати јасна и конкретна порака дека дијалогот меѓу различните религии и култури е неминовна потреба на денешниот современ човек кој е во потрага по материјални добра.
Но, како што рече претставникот на Комитетот на министри при Советот на Европа, Гуидо Чеколи, взаемните почитувања остануваат и натаму предизвик на ова време.
На Конференцијата од светски размери учествуваат лидери на верски заедници, но високи претставници на грчката и српската православна црква сепак не допатуваа во Охрид. Од Бугарија, освен професори по богословија, немаше високи претставници на верската заедници.