Ограничените маржи истекуваат, следува ли нов бран поскапување?

Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши најави нови поригорозни мерки доколку трговците ги качат цените додека претседателот на ССМ Слободан Трендафилов ги обвини трговците за алчност.

СКОПЈЕ – Во четврток истекува владината мерка за ограничување на маржите до 10 отсто а граѓаните се во исчекување дали повторно ќе се соочат со бран поскапувања на цените на производите како што често пати досега се случуваше по истекот на некоја мерка на Владата.

Иако во Владата имаше разногласие околу самата мерка и ефектите, министерот за економија и труд Бесар Дурмиши е дециден дека ограничувањето на маржите даде резултати иако бројките се повеќе од скромни, 57 денари намалување на севкупните месечни трошоци во октомври и 900 денари намалување на трошоците за храна и пијалаци.

Дурмиши повтори дека некои продукти имале пониски цени но лебот, млечните производи и маслото за јадење речиси останале со исти цени. Очекува дека Законот за забрана на нефер трговски практики барем ќе ги одржи цените на ова ниво.

Ново поскапување нови но овој пат поригорозни мерки, дециден е министерот Дурмиши но не открива кои или за какви мерки станува збор.

„Ако имаме драстично покачување на цените наредниот месец ќе донесеме поригорозни мерки. Податоците се дека цените се намалени. Ние донесовме две мерки за училишниот прибор и потрошувачката кошничка. Анализите се дека овие две мерки ги намалиле трошоците на секое семејство за три илјади денари. Наредниот месец очекуваме намалување на цените бидејќи на сила е Законот за забрана на нефер трговски практики и залихите во маркетите ќе се истрошат а новите ќе се продаваат по пониски цени. Ако забележиме дека цените се покачени ќе има поригорозни мерки“, изјави министерот Дурмиши.

Синдикатите пак сметаат дека трговците ја изиграле владината мерка и дека се алчни а тоа го плаќаат граѓаните и работниците. Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) треба да учествува во изготвувањето на мерките на Владата.

„Тоа што можам јас да го кажам врз основа на параметрите со кои располагаме е дека 47 продукти од синдикалната минимална кошница беа преземени во мерката која ја креираше владата на која им беше ограничена маржата. За жал трговците го искористија периодот кога За жал трговците го искористија периодот кога се креираше ваква мерка и што направија прво ги зголемија цените и синдикалната минимална кошничка во делот кај храната и пијалаците беше зголемена за околу 750 денари, а сега за октомври намалена за 960 денари, што ќе каже дека трговците беа алчни на грбот на работниците повторно се обидуваат да заработуваат и со зголемените цени кои ги намалија во октомври повторно останаа со истиот профит кој го имаа. За жал во Македонија може да гледаме само за алчноста на трговците. Сметам дека Владата треба да превеземе поригорозни чекори“, изјави Слободан Трендафилов, претседател на ССМ.

Според податоците во минималната синдикална кошница за октомври на едно четиричлено семејство за да ги покрие основните трошоци во месецот му се потребни 1.000 евра, ако се вклучат и оние за кирија за стан се нешто повеќе од 1.200 евра или повеќе од три минимални плати.