„Off road“ средба во Охрид

Your browser doesn’t support HTML5

Низ тешко пристапни планински предели со многу снег и кал минуваше трасата која за учесниците беше вистинско адреналиснко доживување

Возењето на џипови по тешко пристапни терени во охридскиот регион, станува атрактивен спорт. По предели прекриени со кал и снег се возеше последната „Off road“ тура од Кичево до Охрид во должина од 68 километри.

Повеќе од 200 учесници, од кои најмладите беа на 13-годишна возраст, со 70-тина џипови од цела Македонија, беа дел од ова несекодјневно адреналинско доживување, а се избираше и најопремен теренец.

„Ова е веќе четврти пат по ред да се одржува во Охрид. Учесници имаше од сите клубови во Македонија. Се движевме по недефинирани патишта низ снег и кал од Кичево преку Дебарца, Куратица и дојдовме во Охрид. Во летниот период на 1-ви јули, имаше повеќе учесници. Но, тогаш имавме учесници и од странство, како што се Србија, Косово, Австрија, Чешка и Полска“, рече Александар Илоски, претседател на „Off road“ клубот од Охрид.

Учесниците раскажуваат дека било повеќе од возбудливо да се вози по вакви места. Секој по завршувањето беше со различни импресии.

„Off road“ трката помина прекрасно. Се забавувавме. На рутата имаше многу кал и снег, но, се` помина во најдобар ред. Вакви собири треба да има почесто“, вели Панчо, еден од возачите.

Според учесниците, и временските услови со кои се соочувале биле мошне тешки но, најтешко им било на планинските врвови, каде снежната покривка достигнувала и до еден метар.

„Прв пат учествувам на оваа тура. Возењето беше добро, но патеката беше тешка. Се надевам дека повторно ќе се дружиме, бидејќи убаво си поминавме“, вели учесникот Ристе.

„Екстремно беше. Имаше и проблеми, но тоа е дел од „Off road“-турите. Може да приметите и по нас. Се извлакавме. Имаше кал. Имаше заглавувања“, вели учесникот Звонко.

За Дарко, пак, претходната тура била поекстремна.

„Претходната тура беше поекстремна со повеќе снег и повеќе адреналин. Но, и денес сепак беше одлично“, вели тој.

Турата заврши успешно, иако некои од нив имаа потреба од помош на влечна служба, која им помагаше на заглавените возила.

Од клубот од Охрид најауваат дека се во контакт со повеќе странски „Off road“ клубови кои планираат да ја посетат Македонија и да уживаат во недопрената природа и одличните патеки.

Напролет со чартер лет во Охрид ќе пристигнат и љубители на „Off road“ клубови од Швајцарија, кои се во преговори со домашните и странските тур-оператори.